İlayda Çakırtekin
30 Октомври 2026•Ажурирано: 30 Октомври 2026
Украина неофицијално ги запрела нападите врз руските нафтени рафинерии во услови на зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп и растечка неизвесност во врска со продолжувањето на поддршката на Вашингтон за Киев, објави вчера „Волстрит џурнал“, пренесува Анадолу.
Неофицијалната пауза наводно започнала на почетокот на минатата недела и се очекува да трае до завршувањето на меѓуизборите во САД, а потенцијално и подолго, во текот на ноември.
Украина официјално не објави дека ги запира нападите.
Двајца воени претставници запознаени со прашањето изјавија дека на средината на октомври украинските единици што изведуваат напади со долг дострел биле информирани дека нападите врз руските рафинерии ќе бидат суспендирани по завршувањето на тековните операции.
Министерот за одбрана Евгениј Хмара го советувал украинскиот претседател Владимир Зеленски дека би било разумно да се суспендираат нападите врз рафинериите со оглед на чувствителната дипломатска ситуација, според лице запознаено со прашањето.
Зеленски се согласил, но нагласил дека војската и натаму има слобода да ги продолжи нападите доколку оцени дека тоа е неопходно, изјавил изворот.