Судирите меѓу Хезболах и Израел ескалираа во услови на регионалните тензии
- Хезболах соопшти дека третпат погодил возила на израелската армија во местото Маркаба, во Јужен Либан, со ракетен бараж, додека судирите меѓу двете страни продолжуваат по должината на пограничната област
ИСТАНБУЛ (АА) - Продолжуваат нападите меѓу либанското движење Хезболах и Израел, конфронтацијата сè повеќе се зголемува на територијата на Либан, а регионалните тензии растат поради тековната израелско-американска офанзива врз Иран и одмаздничките напади на Техеран, јавува Анадолу.
Хезболах соопшти дека третпат погодил возила на израелската армија во местото Маркаба, во Јужен Либан, со ракетен бараж, додека судирите меѓу двете страни продолжуваат по должината на пограничната област.
Во меѓувреме, во израелски воздушен напад е погодена населбата Борџ ел-Барајне во јужните предградија на Бејрут, која се смета за упориште на Хезболах, извести дописникот на Анадолу.
Нападот следуваше по серија израелски воздушни удари врз јужните предградија на Бејрут претходно во текот на денот откако израелската армија објави дека започнала нов бран напади.
Израелската војска претходно издаде предупредувања до илјадници жители во јужните предградија, повикувајќи ги да се евакуираат од областа пред нападите, наведувајќи дека операциите се насочени кон локации поврзани со Хезболах.
Додека Израел тврди дека нападите се насочени кон инфраструктура на Хезболах, либанската Национална новинска агенција јави дека во израелското бомбардирање биле погодени и цивилни и станбени области.
Израел и САД од саботата продолжуваат со голема офанзива врз Иран, а Иран возвраќа со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон земји од Персискиот Залив во кои се наоѓаат американски воени бази.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
