Islam Uddin
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
Северна Кореја спроведе тестирања на надградени артилериски и ракетни системи, а лидерот Ким Џонг Ун ја повтори посветеноста на неговата Влада за зајакнување на воените капацитети на земјата, објави денес државната новинска агенција КЦНА, пренесува Анадолу.
Ким ги надгледувал вчерашните тестирања како дел од петгодишниот национален план за модернизација на одбраната.
На вежбите се оценувале борбените перформанси на надградениот 240 мм 24-цевен повеќецевен ракетен фрлач, тактичка балистичка ракета опремена со специјална борбена глава, како и гранатите за самоодна 155 мм хаубица со зголемен домет.
Подобрениот повеќецевен ракетен систем сега има дострел од 90 километри и опремен е со автоматизирани системи за контрола на оган со самонасочна прецизна технологија.
Специјалната боева глава на тактичката ракета е дизајнирана да погоди стратегиски цели, вклучително аеродроми, пристаништа и енергетски објекти, а новите артилериски гранати имаат ефективен дострел од 65 километри.
Ким изјави дека тестовите покажуваат „голем технолошки напредок“ постигнат во рамките на воената политика за модернизација на владејачката Работничка партија.
„Сегашната меѓународна ситуација, во која суверенитетот може да се брани и постоењето да се гарантира само преку целосна надмоќ во сила, го прави непотребно дополнителното објаснување зошто зајакнувањето на одбранбените капацитети е неопходна прва национална стратегиска задача“, беше цитиран Ким.
Исто така, тој повтори дека политиката на Пјонгјанг не е насочена само кон зајакнување на одбранбените капацитети, туку и кон изградба на „смртоносен и деструктивен офанзивен став“ што би ги одвратил потенцијалните противници.
„Ќе направиме непријателите да сфатат дека средствата за далечни напади на нашите вооружени сили се заменети со надградени системи во најкраток можен рок“, изјавил Ким.