Mohammad Sio
09 Јули 2026•Ажурирано: 09 Јули 2026
Вториот ден од обновените напади врз земјата САД погодија стратегиски железнички мост во Северен Иран што ја поврзува земјата со Кина и Русија, објави денес полудржавната иранска новинска агенција Фарс, пренесува Анадолу.
Во нападот со крстосувачки ракети утринава е погоден железничкиот мост Октај Кан во североисточната покраина Голестан, пренесува агенцијата.
Станува збор за стратегиска точка на железничкиот коридор што ги поврзува Кина, Туркменистан и Иран.
Нападот следуваше откако Иран го прекина патничкиот железнички сообраќај меѓу Техеран и североисточниот град Машхад по, како што наведоа локалните жители, американско-израелски напад врз дел од пругата. Иранската државна железница соопшти дека екипи за поправка се испратени на местото на настанот и дека патниците што останале блокирани ќе бидат превезени до Машхад по копнен пат.
Централната команда на САД соопшти дека американските сили извршиле дополнителни напади врз Иран за да го ослабат капацитетот на Техеран да го загрози непреченото пловење низ Ормускиот Теснец.
Иран и САД на 17 јуни постигнаа рамковен договор со посредство на Пакистан, со цел да се стави крај на воениот конфликт и да се отвори пат кон договор за траен мир.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека договорот е „завршена приказна“, со што практично предизвика нов бран воена конфронтација.