Mücahithan Avcıoğlu
19 Октомври 2026•Ажурирано: 19 Октомври 2026
Германската одбранбена компанија „Рајнметал“ и швајцарската бродска компанија „МСЦ“ победија на аукцијата за преземање на романското бродоградилиште во Мангаља за околу 138 милиони евра (155 милиони долари), соопшти „Рајнметал“ денес, пренесува Анадолу.
Партнерите планираат да го развијат бродоградилиштето, кое се наоѓа јужно од Констанца, во објект за двојна намена за изградба на цивилни и воени пловила, наменети за домашниот и меѓународниот пазар.
Се очекува преземањето да биде финализирано во рок од неколку недели, при што двете компании заеднички ќе ја платат купопродажната цена.
За „Рајнметал Навал Системс“, бродоградилиштето ќе има важна улога во изградбата на четири пловила нарачани од романската Влада: два патролни брода за отворено море долги 96 метри и два брода за поддршка на нуркачки операции долги 43 метри.
Објектот треба да стане и центар за дополнителни проекти за изградба на воени пловила, поддржувајќи го проширувањето на „Рајнметал“ во Југоисточна Европа.
Цивилните и воените активности ќе се одвиваат паралелно, при што бродоградилиштето ќе биде поделено на одделни сектори и безбедносни зони.
Тим Вагнер, извршен директор на одделот „Навал Системс“ на „Рајнметал“, изјави дека компанијата планира да го прошири и модернизира бродоградилиштето по преземањето.
„Инвестицијата ќе ги подобри постојната инфраструктура, условите за производство и капацитетите за исполнување на идните потреби, со што ќе се зајакне индустриското присуство на 'Рајнметал' во регионот“, рече тој.
„Рајнметал“ е присутен во Романија од 2024 година преку „Рајнметал Аутомеканика“, со седиште во Медијаш.