Berk Kutay Gökmen
20 Мај 2026•Ажурирај: 20 Мај 2026
На американските обвинители во Мајами им е наредно да започнат нова кривична истрага против поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро поради загриженост дека сегашниот судски процес што се води за него нема доволно силни докази, објави „Си-би-ес њуз“, повикувајќи се на извори, пренесува Анадолу.
Новата истрага следува откако Алекс Сааб, близок сојузник на Мадуро и поранешен министер за индустрија и национално производство на Венецуела, беше депортиран во САД и обвинет за наводна вмешаност во шема за перење пари поврзана со венецуелската јавна програма за социјална помош во храна.
Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа заробени од американските сили во Венецуела на почетокот на јануари и пренесени со авион во Њујорк за да се соочат со обвиненија поврзани со трговија со наркотици и прекршоци со огнено оружје.
Поранешниот лидер на Венецуела првично беше именуван во дополнителното обвинение во 2020 година, за време на мандатот на поранешниот јавен обвинител Бил Бар.
Двајцата обвинети ги негираа наводите.
Според наводите, високи функционери во Министерството за правда подоцна ги упатиле обвинителите да започнат посебна кривична истрага во Мајами насочена против поранешниот лидер на Венецуела откако тој веќе беше притворен по обвиненијата во Њујорк.
Како што се наведува, истрагата започнала околу март.
Мајкл Бергер, обвинител од Мајами познат по водење меѓународни кривични случаи, бил назначен да го води случајот заедно со агенти од ФБИ и Истражна служба за домашна безбедност.
Медиумот, исто така, наведува дека во истрагата учествувале и Одделот за кривични истраги на федералната Служба за даноци (IRS).