Ekip
31 Јули 2026•Ажурирано: 31 Јули 2026
ФИФА денес застана во одбрана на предложениот проект „ФИФА форвард ентерпрајз“ (ФФЕ), соочена со сè поголемиот отпор од континенталните фудбалски тела, порачувајќи дека никој не го продава фудбалот и дека ќе продолжи со консултациите за планот за привлекување инвестиции во Светското првенство и другите турнири, јавува Анадолу.
Светската куќа на фудбалот во соопштение наведе дека ја почитува загриженоста што беше јавно изнесена во врска со предлогот и дека останува посветена на отворени и демократски консултации.
„Нашиот планиран процес на консултации беше нарушен од неточни медиумски известувања. Ќе го продолжиме овој процес за да се осигуриме дека секоја членка има можност да гласа врз основа на факти“, соопшти ФИФА.
Организацијата нагласи дека целта на проектот „ФФЕ“ е зголемување на средствата за развој на фудбалот, а не приватизација на овој спорт.
„Никој не го продава фудбалот. Тоа не е нешто што ФИФА некогаш би го разгледала“, се наведува во соопштението.
Според предлогот, комерцијалните активности на ФИФА и организирањето на натпреварувањата би биле пренесени на подружница што трајно би останала во сопственост и под контрола на ФИФА. Дополнителните остварени комерцијални приходи би биле распределени меѓу сите членки.
ФИФА соопшти дека секоја од нејзините 211 членки ќе добие 17,2 милиони евра преку програма за развој „ФИФА форвард“ во периодот од 2027 до 2030 година, без оглед дали го поддржува предлогот или не. Исто така, беше предложена и доброволна еднократна програма „Фаст форвард“ што на секоја членка би ѝ овозможила дополнителни 17,2 милиони евра, финансирани преку надворешни инвестиции.
Светската фудбалска организација нагласи дека надворешните инвеститори ќе немаат никаква контрола врз ФИФА ниту врз нејзините натпреварувања, како и дека проектот „ФФЕ“ ќе биде основан само доколку предлогот го одобри мнозинството членки.
„Секој има право да изрази противење и да побара дополнителни појаснувања, но ниеден поединечен субјект не може да тврди дека ги претставува сите 211 членки низ светот“, соопшти ФИФА.
Ова соопштение беше објавено еден ден откако сите 55 членки на УЕФА едногласно се заканија со бојкот на натпреварувањата на ФИФА, во случај светската куќа на фудбалот да продолжи со плановите за продажба на сопственички удели во Светското првенство и другите турнири на приватни инвеститори.
По вонредниот состанок, УЕФА предупреди дека ниедна нејзина членка нема да учествува во натпреварувањата на ФИФА доколку предлогот не биде повлечен, порачувајќи: „Светското првенство не е на продажба.“
Противењето дополнително се прошири подоцна во текот на вчерашниот ден кога и Конфедерацијата на фудбалски сојузи на Северна, Средна Америка и Кариби (КОНКАКАФ) и нејзината 41 членка го отфрлија предлогот, наведувајќи загриженост поради управувањето, транспарентноста и отсуството на соодветна процедура, вклучително и, како што наведоа, „вештачки краткиот“ рок и фактот дека предлогот не беше разгледан во управните тела на ФИФА.
ФИФА соопшти дека предлогот останува отворен за амандмани, одобрување или отфрлање додека консултациите со членките низ светот продолжуваат.