Şeyma Erkul Dayanç
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
НАТО денес објави дека постепено ќе го намали бројот на мировници во Косово во текот на следната година, нагласувајќи дека безбедносната состојба е доволно подобрена, што овозможува помало воено присуство на терен, јавува Анадолу.
„НАТО и КФОР целосно се посветени на безбедноста во Косово“, рече врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, генерал Алексус Г. Гринкевич.
„Токму оваа посветеност донесе поголема стабилност, во период кога косовските безбедносни институции го зголемија својот капацитет. Актуелните услови овозможуваат дополнително приспособување на бројноста и позицијата на КФОР“, додаде тој.
Мировната мисија на НАТО, Косовските сили (КФОР), е распоредена во Косово од 1999 година во рамките на мандатот на ОН.
Од НАТО соопштија дека во јануари го прекинале распоредувањето на резервните трупи во мисијата, по повеќе од две години континуирани ротации.
Дополнителни сили беа испратени по тензиите и насилството во 2023 година, вклучително и нападите врз мировниците на НАТО во градот Звечан во северниот дел на Косово. Во тој период беа распоредени уште речиси 1.000 војници, што претставуваше најголемо засилување на КФОР во повеќе од една деценија.
Според НАТО, идното намалување на бројот на војници ќе се одвива постепено преку редовните циклуси на ротација на војниците и ќе зависат од условите на теренот. Од Алијансата нагласија дека овој процес може да се врати во првобитната состојба доколку се влоши безбедносната ситуација.
НАТО, исто така, ја потврди својата посветеност на Западен Балкан и најави дека ќе продолжи да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, оценувајќи го како клучен за долгорочната регионална стабилност.