Мајмуните кај пагодата Лин Унг во Виетнам живеат близу туристите
- Пагодата Лин Унг, еден од значајните верски и културни центри на Да Нанг, ги пречекува посетителите со погледот кон морето, градбите што ја одразуваат традиционалната виетнамска архитектура и со статуата на Куан Ам висока 67 метри
Şaduman Türkay, Medina Choreska
05 Ноември 2026•Ажурирано: 05 Ноември 2026
ДА НАНГ
Мајмуните што живеат во околината на пагодата Лин Унг, на полуостровот Сон Тра во виетнамскиот град Да Нанг, го привлекуваат вниманието на посетителите додека си играат со своите младенчиња, јадат плодови на дрвјата и се движат меѓу туристите, пишува Анадолу.
Пагодата Лин Унг, еден од значајните верски и културни центри на Да Нанг, ги пречекува посетителите со погледот кон морето, градбите што ја одразуваат традиционалната виетнамска архитектура и со статуата на Куан Ам висока 67 метри.
Комплексот на пагодата, опкружен со шумите на полуостровот Сон Тра, не се истакнува само со верските објекти, туку и со богатиот животински свет.
Во просторот со верски градби и статуи, посетителите се молат, а истовремено ја набљудуваат природната убавина на полуостровот.
Во главната молитвена сала на комплексот, покрај статуите на Буда, внимание привлекуваат и деталите што ја отсликуваат традиционалната виетнамска архитектура. Предниот дел на градбата, која се одликува со масивни столбови украсени со мотиви на змејови, има простор со 18 статуи на архати изработени од бел камен. Секоја статуа е прикажана со различен израз на лицето и став на телото, а заедно ја одразуваат уметничката вредност на комплексот.
– Одмораат на покривот на пагодата и ги јадат оставените плодови –
Шумите на полуостровот Сон Тра, каде што планинскиот предел се среќава со морето, обезбедуваат живеалиште за голем број животински видови. Во оваа природна средина може да се види како мајмуните се движат по дрвјата и карпестите површини, бараат храна и минуваат време со своите групи.
Мајмуните што живеат и во околината на пагодата Лин Унг им овозможуваат на посетителите одблизу да го набљудуваат живиот свет на полуостровот.
Во секојдневјето на пагодата забележителни се мајмуните што се движат по гранките на дрвјата и по камените ѕидови, понекогаш се мешаат со туристите, бараат храна во нивна близина, јадат оставено овошје и одмораат на покривот на храмот.
Внимание привлекуваат и нивните меѓусебни интеракции додека се хранат со црвени плодови на гранките на дрвјата. Нивното меѓусебно бркање, играње и блискиот физички контакт, како и грижата на возрасните мајмуни за младенчињата, создаваат живописни сцени.
Во снимките направени во околината на пагодата се забележани и моменти во кои возрасен мајмун си игра со своето младенче. Присуството на деца што си играат и на младо мајмунче што минува време со мајката во истиот кадар покажува како се преплетуваат човечките активности и дивиот свет.
Туристите што доаѓаат во посета од различни делови на светот со интерес го набљудуваат природното однесување на мајмуните, а некои од нив ги фотографираат овие моменти за да ги овековечат.
Забележани се и моменти во кои мајмуните бараат храна во отпадот и доаѓаат во контакт со отпадоци што ги оставиле луѓето. Еден мајмун се обидува да јаде од чаша за јогурт што ја нашол во канта за отпадоци, а млад мајмун разгледува пластично шише.