Mohammad Sio
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Министерството за надворешни работи на Иран денес соопшти дека за време на преговорите со САД во Швајцарија воопшто не станало збор за ракетните капацитети на Техеран. Истовремено, иранските власти ја исклучија можноста да им дозволат на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) пристап до нуклеарните капацитети што беа бомбардирани во американско-израелските напади, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Бакаи изјави дека иранската ракетна програма никогаш не била вклучена во разговорите со Вашингтон.
„Ракетните капацитети на Иран не беа дел од преговорите со Соединетите Американски Држави“, рече Бакаи на прес-брифингот, пренесуваат иранските медиуми.
Исто така, тој рече дека Техеран нема намера да им дозволи на инспекторите на МААЕ пристап до нуклеарните капацитети нападнати од САД и Израел.
„Немаме намера да им дозволиме на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија да ги посетат нуклеарните локации што беа цел за време на конфликтот“, рече тој.
Бакаи дополнително ги демантираше извештаите за контакти со генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во Швајцарија.
„Не сме одржале никаков состанок со генералниот директор на МААЕ во Швајцарија ниту, пак, има какви било планови за инспекции на нашите нуклеарни капацитети што беа бомбардирани“, рече тој.
Портпаролот, исто така, нагласи дека Иран нема да се соочи со никакви ограничувања за користењето на средствата што се одблокирани според тековните договори со Вашингтон.
„Слободни сме да ги користиме нашите замрзнати средства што ќе бидат ослободени и за нив нема никакви ограничувања“, рече Бакаи.
Во меѓувреме, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека приоритет на неговата Влада останува заштитата на правата на иранскиот народ и промовирањето на регионалниот мир и безбедност, пренесува полудржавната новинска агенција Мехр.
„Ние бараме целосно спроведување на потпишаните одредби (со САД) во рамките на меѓународното право и правата на иранскиот народ“, рече Пезешкијан.
„Доколку се постигне ова, многу од проблемите во регионот ќе се намалат, а агресорите ќе бидат спречени“, додаде тој.