Serdar Dincel
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Израелскиот министер за финансии од крајната десница, Безалел Смотрич, побара извинување од германскиот канцелар Фридрих Мерц поради неговата изјава дека „не смее да има де факто анексија на Западниот Брег“, јавува Анадолу.
„Во пресрет на Денот на сеќавање на холокаустот, германскиот канцелар треба да ја наведне главата и да се извини илјадапати во име на Германија наместо да се осмелува да ни држи лекции за морал за тоа како да се однесуваме против нацистите на нашата генерација“, напиша синоќа Смотрич на американската платформа за социјални медиуми Х.
Израел нема да „прифати инструкции од лицемерни лидери во Европа, континент што повторно ги губи својата совест и својата способност да разликува добро од зло“, тврди тој.
„Завршија деновите кога Германците им диктираа на Евреите“, рече Смотрич.
„Нашето враќање во земјата Израел – нашата библиска и историска татковина – е одговор за секој што се обидел или се обидува да нè уништи и ние не се извинуваме за тоа ниту за момент“, додаде тој.
Министерот од крајната десница ги даде овие изјави откако Мерц вчера изрази „длабока загриженост“ поради ситуацијата на палестинските територии, велејќи дека мора да се спречи „де факто делумна анексија на Западниот Брег“.
Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година во нападите на израелската армија и окупаторските сили на Западниот Брег убиени се најмалку 1.133 Палестинци, повредени се околу 11.700, а приведени се речиси 22.000 лица, според палестински податоци.
Меѓународниот суд на правдата во јули 2024 година ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.