Esra Tekin
25 Септември 2026•Ажурирано: 25 Септември 2026
Американски воен персонал им помогнал на еквадорските власти во разбивањето на локален огранок на мексиканскиот Картел Нова генерација Халиско ((ЦЈНГ), при што се приведени повеќе од 30 лица осомничени дека биле негови членови, соопшти еквадорскиот министер за внатрешни работи вчера, јавува Анадолу.
Еквадор, близок сојузник на САД, активно соработува со напорите на претседателот Доналд Трамп за борба против организираниот криминал низ Латинска Америка.
Еквадорскиот министер за внатрешни работи Џон Рајмберг на социјалната мрежа X соопшти дека операцијата, спроведена вчера рано изутрина, била реализирана заеднички од американски војници и Агенцијата за борба против дрогата (ДЕА).
Повеќе од 30 еквадорски државјани се приведени под сомнение дека биле членови на група за која властите тврдат дека имала директна врска со ЦЈНГ.
Според Рајмберг, групата наводно шверцувала кокаин од Колумбија, најголем производител на кокаин во светот, до меѓународни дестинации преку пристаништа во Југозападен Еквадор.
Операцијата била спроведена во неколку градови и во неа учествувале околу 320 еквадорски полицајци и 50 униформирани припадници на Јужната команда на САД, соопшти министерот.
Рајмберг објави и фотографии и видеоснимки на кои се гледаат припадници на безбедносните сили како вршат рации и ги приведуваат осомничените.
Претседателот Даниел Нобоа ги отфрли критиките во говорот пред Генералното собрание на ОН во средата.
„Се соочуваме со значителни критики за нашите напори во борбата против организираниот криминал, додека многу помалку внимание се посветува на сè поголемиот број луѓе што стануваат жртви на овие криминални групи“, рече Нобоа.
Претходно годинава американските специјални сили работеа заедно со еквадорските војници во заедничка операција насочена кон база на која наводно дејствувала наркотерористичка група по должината на еквадорскиот брег.
За само неколку години Еквадор од земја што се сметаше за една од најбезбедните во Јужна Америка се претвори во значајна маршрута за шверц на кокаин.
Земјата сè повеќе е погодена од моќни криминални банди со врски со мексикански и колумбиски наркокартели.