Berk Kutay Gökmen
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Едно лице загина, а повеќемина се повредени во експлозија на камион-цистерна во Панама Сити, соопштија локалните власти, пренесува Анадолу.
Експлозијата се случила во областа Ла Бока, во близина на објектот на „Панама Оил Терминалс С.А.“, веднаш под познатиот „Мост на Америка“.
Според известувањата на агенцијата „Синхуа“, експлозијата се случила додека камион-цистерна полнел гориво, при што избил пожар што се проширил на уште два камиона- цистерни. Пожарот предизвикал густ чад и неколку секундарни експлозии.
Шефот на противпожарната служба, Виктор Раул Алварез Виљалобос, потврди дека едно лице го загубило животот, две лица се здобиле со изгореници од втор степен, а двајца пожарникари побарале помош поради вдишување чад.
Официјалните лица соопштија дека пожарот е локализиран и дека повредените се во стабилна состојба.
Предвидено е денес да започне истрагата за причините за несреќата.
По инцидентот властите го затворија мостот и тој ќе остане блокиран сè додека не завршат инспекциите за безбедноста и додека не се добијат дополнителни резултати.
Претседателот на Панама, Хосе Раул Мулино, преку објава на американската компанија за социјални медиуми Х порача дека денес патниците може да се соочат со прекини во сообраќајот и ги повика јавните и приватните институции да ги преземат потребните мерки на претпазливост.
„Мостот на Америка“, кој се наоѓа на пацифичкиот влез на Панамскиот Канал, претставува клучна транспортна врска за сообраќајот и логистиката преку овој воден пат.