Necva Taştan Sevinç
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
Европските претставници денес ги осудија најновите напади на Русија врз Украина во текот на ноќта, во кои Киев соопшти дека загинале 13 лица, а шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, објави планови за предлагање нови санкции насочени кон субјектите што го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс, јавува Анадолу.
„Само зборовите на осуда нема да ги спречат нападите врз Киев. Само континуираната воена поддршка за Украина и зголемениот притисок врз Москва може да го сторат тоа“, напиша Калас на американската платформа на социјални мрежи X.
Таа истакна дека оваа недела ЕУ започнала со исплата на 6 милијарди евра во рамките на својот заем за поддршка од 90 милијарди евра за зајакнување на одбраната на Украина.
„Денес ќе предложам да се санкционираат повеќе субјекти што го поддржуваат воено-индустрискиот комплекс на Русија како одговор на нападите. Колку повеќе Москва напаѓа цивили, толку повеќе санкции мора да се воведат“, рече таа, додавајќи „продолжуваме да ги зголемуваме издвојувањата сè додека Русија не разбере дека не може да победи“.
Калас нагласи дека целиот персонал на ЕУ во Киев е безбеден по нападите и му се заблагодари за продолжување на работата „под најтешки услови“.
Португалското Министерство за надворешни работи, исто така, го осуди тоа што го опиша како „грозоморни руски напади“ извршени во текот на ноќта врз Украина.
Во соопштението, Министерството ја повтори својата солидарност со украинскиот народ и власти и посочи дека е „императив да се стави крај на оваа агресија и да се почитува меѓународното право“.
„Португалија останува непоколеблива во својата поддршка за Украина во потрагата по праведен и траен мир“, се додава.
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен ги осуди нападите, велејќи дека Русија повторно ја напаѓала цивилната инфраструктура.
„Ужасни слики од Киев. Синоќа Русија повторно ја напаѓаше цивилната инфраструктура, очигледно покажувајќи непочитување кон човечкиот живот“, напиша таа на X.
Валтонен ги пофали „храброста и издржливоста на украинскиот народ“ и ја потврди поддршката на Финска за Украина.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, исто така, го осуди нападот, изразувајќи солидарност со Украина и ја повика Русија да ја прекине својата агресија.
„Руската Влада мора да стави крај на овие агресии и да дејствува како одговорен член на меѓународната заедница“, рече Тајани, додавајќи дека Италија ќе продолжи да го поддржува Киев сè додека не се постигне „праведен и траен мир“.
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде рече дека Русија „уште еднаш извршила напади врз цивилни објекти, убивајќи и повредувајќи многумина“. „Руските напади врз цивилите се длабоко загрижувачки. Нашите мисли се со жртвите и сите погодени. Норвешка останува цврста во својата поддршка за Украина“, рече тој.
Изјавите дојдоа откако Русија и Украина изведоа напади со долг дострел во текот на ноќта, при што украинските власти соопштија дека 13 лица загинале во руските напади, а руските претставници пријавија четири цивилни жртви во украинските напади со беспилотни летала.
Москва соопшти дека извела напади врз погоните од одбранбената индустрија, објектите за гориво и енергија и инфраструктурата на воениот аеродром во и околу Киев користејќи прецизно оружје и беспилотни летала со долг дострел, опишувајќи ги нападите како одговор на украинските „терористички напади“ врз цивилната инфраструктура.
Во меѓувреме, Украина соопшти дека ја погодила рафинеријата за нафта „Лукоил Нижегороднефтеоргсинтез“ во рускиот регион Нижни Новгород, како и место за беспилотни летала, железнички мост и руска командна станица.