Ömer Tuğrul Çam
04 Март 2022•Ажурирај: 06 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО се состанаа во седиштето на НАТО во Брисел за да разговораат за руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
На средбата, на која Турција ја претставува министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, се очекува да се разговара за актуелните долгорочни планови на НАТО во Источна Европа и Централна Европа по рускиот напад на Украина.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во изјавата пред состанокот рече дека по рускиот напад врз Украина, НАТО многу брзо демонстрира единство.
Наведувајќи дека подготвуваат планови за зајакнување на безбедноста на НАТО, Блинкен рече: „НАТО е одбранбен сојуз. Ние не сакаме конфликт, но подготвени сме за конфликт доколку конфликтот дојде до нас. Ќе го браниме секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО.“
Блинкен, нагласувајќи дека се подготвуваат за иднината на НАТО, рече дека настаните од последните недели даваат сигнали за иднината на Алијансата.
Тој, исто така, нагласи дека НАТО ќе продолжи да демонстрира единство во наредните недели.
- „НАТО е одбранбен сојуз. Не сакаме војна со Русија“ -
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека на денешната средба „ќе се консултираат за одговорот на инвазијата на Русија“.
Нагласувајќи дека ќе се осврнат и на долгорочните реперкусии од инвазијата, Столтенберг рече дека синоќа ја слушнале веста за рускиот напад на нуклеарната централа во Украина.
„Ова покажува дека мора да се стави крај на војната и дека Русија треба да ги повлече сите свои војници и да се вклучи во дипломатските напори“, рече Столтенберг.
„НАТО е одбранбен сојуз. Ние не сакаме војна со Русија“, нагласи Столтенберг, подвлекувајќи дека не сакаат да бидат погрешно разбрани за нивните заложби за заштита и одбрана на сите сојузници.
На денешната средба беа поканети и министрите за надворешни работи на Шведска и Финска, кои не се членки на НАТО, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.