Şeyma Erkul Dayanç
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Работник на 22-годишна возраст загина откако падна од височина од околу 10 метри додека работел на нов систем за осветлување во Колосеумот во Рим, објави денес италијанската новинска агенција АНСА, јавува Анадолу.
Несреќата се случила околу полноќ, а службите за итна помош не успеале да го спасат работникот.
Обвинителството отвори истрага за можно предизвикување смрт од небрежност и прекршување на правилата за безбедност при работа.
Засега постапката се води против непознати лица, а карабинерите собираат документи и докази за да ги утврдат околностите на смртта.
Истражителите, исто така, проверуваат дали биле почитувани безбедносните процедури.
Според првичните наоди, работникот носел сигурносен појас, но на него немал прикачено јаже.
Двајца работници, кои биле на местото на несреќата, биле испрашани.
Италијанското Министерство за култура нареди прекин на работите во Колосеумот до натамошно известување.
Археолошкиот парк на Колосеумот, исто така, го затвори споменикот за посетители.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека смртта ја „шокирала и растажила“ земјата и изрази сочувство до семејството, пријателите и колегите на Морети.
„Да се загуби животот на 22 години е неприфатливо, а уште повеќе ако тоа се случи на работно место“, рече Мелони, повикувајќи на целосно истражување на околностите.