Islam Uddin
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
Во Западна Австралија е регистриран нов случај за кој постои сомнение за присуство на птичји грип од сојот Х5. Со ова потенцијално се евидентира петтиот потврден или сомнителен случај на вирусот во земјата, јавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Според информациите на Еј-би-си њуз, најновиот регистриран случај за кој постои сомнение за присуство на вирусот е птица од видот џиновски петрел, која се наоѓала на плажата Роузес во близина на Есперанс.
Земените примероци се пратени во лабораторија за тестирање. Паралелно, се чекаат резултатите од анализата и за уште еден суспектен случај регистриран во близина на Дансборо.
Досега Австралија официјално потврди два случаја на птичји грип Х5 кај морски птици преселници во Западна Австралија и еден случај во Јужна Австралија, а за два случаја во Западна Австралија постои сомнение за присуство на вирусот.
Министерката за земјоделство на Западна Австралија, Џеки Џарвис, изјави дека во моментов не постојат докази оти вирусот се проширил меѓу локалните диви животни или кај домашната живина.
„Нема детектирани случаи кај домашната живина ниту, пак, се регистрирани дојави за угинување од големи размери“, истакна министерката Џарвис.
Од вкупно пет птици од видот џиновски петрел од плажата Роузес, само кај една птица е добиен сомнително позитивен резултат, а другите четири се негативни – епилог што, според надлежните служби, укажува дека нема докази за трансмисија на болеста на австралиска територија.