Berk Kutay Gökmen
22 Јули 2026•Ажурирано: 22 Јули 2026
Американска компанија првпат ќе започне со производство на воени чамци без екипаж со украински дизајн, што ја одразува иницијативата на Пентагон за проширување на неговите капацитети за автономно оружје, објави „Волстрит џурнал“, пренесува Анадолу.
Договорот доаѓа во моментот кога САД започнуваат со распоредување воени автономни чамци по повеќегодишен развој.
Претходно овој месец, кога пропадна прекинот на огнот на Блискиот Исток, американските чамци без екипаж изведоа камиказе-напад врз иранска подморница и помoрски објект во Ормускиот Теснец, се наведува во весникот.
Партнерството, исто така, е во согласност со сè поголемата одбранбена соработка меѓу САД и Украина. Претседателот Доналд Трамп неодамна изјави дека би размислил да ѝ дозволи на Украина да произведува американски ракетни пресретнувачи „Патриот“, додека пошироките напори за искористување на украинската одбранбена експертиза напредуваат побавно.
Компанијата „РеконКрафт“, производител на чамци за специјални операции со седиште во Портланд, Орегон, во северозападниот дел на САД, ќе ги произведува украинските автономни чамци „Магура“ според меморандумот за разбирање потпишан со „Уфорс“ во украинската амбасада во Вашингтон минатата недела.
Компаниите го опишаа договорот како „партнерски договор за здружување“, комбинирајќи ресурси, опрема и персонал.
Соосновачот на „РеконКрафт“, Џо Силковски, изјави дека производството на крајот би можело да достигне стотици или илјадници чамци „Магура“ годишно во погоните во Орегон и во јужната сојузна држава Јужна Каролина. Не се објавени финансиските услови.
„Ова партнерство поставува важен преседан“, изјави украинската амбасадорка Олга Стефанишина.
„Уверена сум дека тоа ќе охрабри многу компании да го следат примерот и да ја продлабочат одбранбено-индустриската соработка меѓу САД и Украина.“
Чамецот „Магура“ со должина од околу 7,6 метри може да носи повеќе од 770 килограми на растојание од над 560 километри и обично чини помалку од 500.000 долари, во зависност од конфигурацијата.
Покрај борбените мисии, тој може да лансира и беспилотни летала, да чисти мини и да влече сонарни системи за откривање подморници.