Elena Trenchevska Chekovic
06 Ноември 2026•Ажурирано: 06 Ноември 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари средба со шефот на швајцарската дипломатија, Ињацио Касис, кој престојува во официјална посета на земјата, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во фокусот на разговорите биле билатералните односи и можностите за натамошно унапредување на политичката и економската соработка, со посебен акцент на трговијата, инвестициите и поврзувањето на деловните заедници.
„Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава конкретни можности за компаниите и граѓаните“, истакна министерот Муцунски на средбата.
Посебно внимание е посветено и на развојната соработка, при што Муцунски ја изразил благодарноста за континуираната поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на Северна Македонија од 1992 година, како и за придонесот на швајцарските програми во зајакнувањето на институциите.
На средбата се разменети мислења и за актуелното швајцарско претседавање со ОБСЕ и безбедносните состојби во Европа. Муцунски го поздравил ангажманот на Швајцарија во рамките на Организацијата и ја потврдил поддршката на Северна Македонија за нејзините напори.
„Уверен сум дека, под швајцарското претседавање, ОБСЕ ќе продолжи да има важна улога во градењето доверба, дијалогот и безбедноста. Во овие напори, Швајцарија ја има цврстата поддршка од наша страна“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разговараа и за европската интеграција и реформските процеси, при што Муцунски ја потврди стратегиската определба на Северна Македонија за полноправно членство во Европската Унија, како и посветеноста на продолжување на реформите и приближувањето кон европските стандарди.
Во разговорите се опфатени и актуелните геополитички состојби, при што истакната е важноста на лидерството, солидарноста, единството и силните партнерства за зачувување на мирот и просперитетот на европскиот континент.