Esra Tekin
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Сирискиот министер за надворешни работи Асад Хасан ал Шejбани ја опиша Турција како „клучен партнер“ во обновата на Сирија за време на неговата официјална посета на Пакистан, јавува Анадолу.
Запрашан за Заедничкиот договор за одбрана од Мека, потпишан од Турција, Саудиска Арабија и Пакистан претходно овој месец, Ал Шејбани вчера за локалните медиуми изјави дека Сирија работи на ова прашање.
„Сè уште не сме донеле одлука дали да се приклучиме на овој сојуз“, додаде тој.
Тој рече дека Сирија ќе донесе одлука во подоцнежна фаза и ја опиша Турција како „клучен партнер во обновата на Сирија“.
Ал Шejбани, исто така, ја истакна границата долга повеќе од 1.000 километри меѓу двете земји, како и нивните историски врски.
- Порака до Иран -
Во врска со можните контакти со Иран, Ал Шejбани рече дека Техеран прво мора да признае што му направил на сирискиот народ.
Тој ја пофали улогата на Пакистан во процесот на дијалог меѓу САД и Иран, но рече дека Исламабад сè уште не понудил посредување меѓу Сирија и Иран.
- Сирија ќе го унапреди дипломатското претставништво во Пакистан -
Оценувајќи ја својата посета на Пакистан како „успешна“, Ал Шejбани рече дека двете страни се договориле повторно да воспостават заедничка министерска комисија, да одржуваат директни летови, да формираат бизнис-совет и да организираат инвестициски форум.
Нагласувајќи дека двете страни имаат слични ставови и сакаат да ги подигнат билатералните односи на највисоко ниво, Ал Шejбани рече дека Сирија ќе го унапреди своето дипломатско претставништво во Пакистан на ниво на амбасада.
- Тензиите меѓу Пакистан и Авганистан -
Во врска со тензиите меѓу Пакистан и Авганистан, Ал Шejбани ги повика двете страни да ги решат своите спорови преку дијалог.
„Го повикуваме Авганистан да не дозволи никаква закана или терористички напад од својата територија врз соседните земји, особено врз Пакистан“, рече тој.
- Односите меѓу Сирија и Израел -
Во врска со Израел, Ал Шejбани рече дека сè уште е „прерано“ да се разговара за каков било стратегиски договор, нагласувајќи дека главен приоритет на Сирија е ставање крај на израелските напади.
„Сирија е суверена држава“, рече Ал Шejбани, нагласувајќи дека Израел не треба да ги диктира сојузите или партнерствата на Дамаск.
Тој додаде дека новата надворешна политика на Сирија ќе биде насочена кон обновата, економската соработка и зајакнувањето на врските со регионалните и меѓународните партнери.