Admir Fazlagic
01 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот центар за култура и развој денеска одржа прес-конференција во рамките на која ги претстави своите активности од проектот „Превенција од насилство за време на избори“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Нелко Нелковски, претседател на Македонскиот центар за култура и развој, основната цел на проектот е да се работи со партиите во вкупниот процес на изборите со цел превентивно делување за можните појави на насилство во различни форми во рамките на вкупниот изборен процес.
„Со сите политички партии работиме на превенција од насилства за време и по изборниот процес. Во нашиот меморандум кој го имаме потпишано со Државната изборна комисија предвидуваме серија мерки пред изборите, за време на изборите и во постизборниот период, со единствена цел изборите да бидат мирни. Човечкиот живот нема цена, и една капка крв ако падне, тогаш паѓа смислата и на изборниот процес и на сите активности“, истакна Нелковски објаснувајќи ги целите на проектот за превенција од насилство за време на вкупниот изборен процес.
Во рамките на овој проект, за 11 ноември е предвидена еднодневна конференција којашто ќе се одржи во ЕУ-Инфо центарот во Скопје, на којашто се поканети сите политички партии што ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори, за да го потпишат Кодексот за превенција од насилство за време на избори.
Кодексот за превенција на изборите вклучува пет принципи: мир – за мирен изборен процес, за време на кампањата, за време на изборниот ден и по завршувањето на изборите; принцип на ненасилство – да се осуди насилството во која било форма за време на вкупниот политички процес; комуникативност – комуникацијата е значајна за превенција од насилство, затоа е потребно да се споделуваат информациите коишто се од значење за превенцијата на граѓаните вклучени на кој било начин во парламентарните избори; соработка – соработка со државните институции, партиите, невладините организации и меѓународните организации во насока на превенција од насилство на изборите; и принципот на позитивно делување – секоја политичка партија да се обврзе за позитивно делување и однесување во насока за грижа на животот, здравјето и безбедноста на граѓаните вклучени во изборниот процес.
Од Македонскиот центар за култура и развој изразија уверување дека политичките партии и сите останати организации и институции вклучени во изборниот процес ќе ја препознаат важноста од почитување на Кодексот за превенција од насилство за време на избори, со цел изборниот процес да помине во фер, демократска и мирна атмосфера.