Elena Trenchevska Chekovic
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
Македонската Армија се развива со засилено темпо, а државата континуирано инвестира во зајакнувањето на одбранбените капацитети, порача министерот за одбрана на Северна Македонија, Владо Мисајловски, на состанокот на НАТО во Брисел, пренесува Анадолу.
Мисајловски, како што се наведува во соопштението на Министерството за одбрана, истакнал дека земјата е силно посветена на развојот на националните одбранбени капацитети, кои се дел од колективната одбрана на Алијансата, нагласувајќи дека тоа е видливо преку зголемените инвестиции, процесот на модернизација и опремување, како и исполнувањето на НАТО-целите на способности.
„Нашата држава прави исчекор во развојот на капацитетите“, изјави министерот, посочувајќи дека изминатата година во земјата пристигнала значајна воена опрема, што, заедно со развојот на човечките ресурси, овозможило Лесната пешадиска баталјонска група да биде оценета како борбено способна за извршување мисии во согласност со НАТО-стандардите.
На маргините на состанокот Мисајловски оствари повеќе билатерални разговори, меѓу кои и средба со грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендијас, на која е разговарано за заедничката стратегиска определба за мирен и стабилен регион и зајакнување на колективната одбрана.
На средбата е истакната и отворената и искрена комуникација меѓу двете земји, која „придонесува за континуиран раст на одбранбената соработка и реализацијата на годишниот план за соработка“.
Мисајловски посочи дека инвестициите во одбраната и безбедноста, како и вложувањата во транспортната мрежа на коридорите 8 и 10, придонесуваат за посилна одбрана и поголема безбедност за граѓаните на двете земји.