Şahin Demir
25 Јуни 2026•Ажурирано: 25 Јуни 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на иранскиот Парламент, Мухамад Багер Калибаф, кој го предводи преговарачкиот тим на земјата, денес го демантираше тврдењето на САД дека одмрзнатите средства на Техеран ќе се користат за купување американски земјоделски производи, јавува Анадолу.
„Америка лажно тврди дека нашите одмрзнати средства ќе се користат за купување на нејзините земјоделски производи“, напиша Калибаф на американската компанија за социјални медиуми Х.
„Единствениот плод што го жнееме е оној што вие го засадивте – децении недоверба“, додаде тој.
„Таа недоверба е природна, длабоко вкоренета и создадена дома.“
Калибаф, исто така, ја критикуваше трговската и политичката практика на Вашингтон, наведувајќи дека САД „извезуваат само ГМО соја, неисполнети ветувања и празни закани“.
Тој ги даде овие изјави откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека во почетниот пакет за финансиско олеснување за Техеран ќе бидат вклучени околу 500 милиони долари вредна американска стока.
Трамп нагласи дека парите нема да му бидат директно исплатени на Техеран, туку дека Вашингтон ќе ги користи контролираните ирански средства за плаќање на американските земјоделци за извоз на производи, како што се пченка и пченица.
„На Иран очајно му е потребна храна и ние ќе ја купуваме за нив ексклузивно од Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент за Си-ен-би-си вчера изјави дека САД ќе го надгледуваат ослободувањето на замрзнатите ирански средства во земјите од заливот во рамките на договорот што е постигнат меѓу Вашингтон и Техеран.
„Сите пари што Иранците ќе ги добијат најпрво ќе бидат искористени во корист на иранскиот народ. Станува збор за замрзнати ирански средства“, рече Бесент.
Тој додаде дека првиот дел од средствата најверојатно ќе биде ослободен од Катар, како и дека американски официјални претставници од Министерството за финансии ќе престојуваат во Доха за да ја надгледуваат распределбата на парите.
Според негови зборови, многу голем процент од тие средства ќе биде насочен кон купување американски прехранбени производи и лекови, при што Вашингтон, под надзор на Министерството за финансии на Блискиот Исток, практично ќе ги враќа парите во американски производи.
Овие изјави доаѓаат во време на дискусии за спроведувањето на неодамна постигнатиот американско-ирански договор, кој вклучува одредби за ублажување на санкциите и ослободување на замрзнатиот ирански имот.
Договорот, постигнат со посредство на Пакистан, стапи на сила на 18 јуни откако електронски го потпишаа иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и американскиот претседател Доналд Трамп.