Elena Trenchevska Chekovic
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се обрати на 23. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања на земјите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа – КОСАП, нагласувајќи ја важноста на европската интеграција и регионалната соработка, пренесува Анадолу.
Гаши, како што соопшти Собранието, во своето обраќање истакна дека конференциите на КОСАП претставуваат важна платформа за размена на ставови меѓу парламентарците и за зајакнување на соработката во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.
Тој посочи дека проширувањето на Европската Унија е една од најважните политики за долгорочна стабилност, безбедност и просперитет на Европа, нагласувајќи дека земјите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ и географски и вредносно.
Претседателот на Собранието подвлече дека регионалната соработка е суштинска за забрзување на интеграцијата, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и промени во глобалните синџири на снабдување.
Гаши додаде дека Северна Македонија, како држава со стратегиска позиција, активно придонесува за унапредување на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност, како и за развој на стабилна и економски поврзана Европа.
Тој нагласи дека во новите глобални политички околности се потребни координирани европски политики, солидарност и силни партнерства, при што проширувањето на ЕУ го оцени како двигател на просперитет, мир и демократија.
Говорејќи за улогата на парламентите, Гаши истакна дека националните собранија имаат клучна одговорност во процесот на пристапување кон ЕУ, преку носење квалитетни закони, парламентарен надзор и дијалог со граѓаните.
КОСАП (COSAP) е кратенка за Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација на Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Хрватска, Македонија, Србија и Црна Гора, основана на 17-18 јуни 2005 година во Сараево, БиХ.
КОСАП претставува форум за редовна размена на ставовите, кои се однесуваат на Процесот за стабилизација и асоцијација, стратегијата за зачленување во ЕУ на земјите од Процесот, како и процесот на проширување на ЕУ.