Shpetim Hiseni
09 Април 2026•Ажурирај: 09 Април 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Вашингтон, учествуваше и се обрати на настан организиран од Атлантскиот совет, посветен на трансатлантските приоритети на Република Северна Македонија, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во обраќањето Муцунски ги истакнал клучните надворешнополитички приоритети на државата, нагласувајќи ја посветеноста кон зајакнувањето на стратегиското партнерство со Соединетите Американски Држави, како и активната улога на државата како доверлив безбедносен партнер во рамките на НАТО и регионот.
Тој се осврнал и на напорите за унапредување на економската соработка, вклучително и тековните иницијативи за продлабочување на билатералните трговски односи со САД.
Во контекст на европската интеграција, Муцунски ја реафирмирал стратегиската определба на Северна Македонија за членство во Европската Унија, при што укажал на предизвиците поврзани со билатералните прашања и ја нагласил потребата од кредибилен и предвидлив процес на проширување.
Дополнително биле потенцирани приоритетите за зајакнување на регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан, како и значењето на трансатлантското партнерство во справувањето со современите безбедносни и геополитички предизвици.
Настанот се одржа во рамките на иницијативата „Balkans Forward“ на Атлантскиот совет, со учество на претставници од политичкиот, аналитичкиот сектор и академската заедница.