Aysu Biçer
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
Голема ракета од вселенската компанија „Блу Ориџин“ на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, експлодираше за време на тестирање на локација за лансирање во Кејп Канаверал, Флорида, јавува Анадолу.
Компанијата ги тестираше моторите на ракетата „Њу Глен“ додека таа беше прицврстена на земја, како подготовка за нејзиното четврто лансирање планирано за следните недели.
На видеото од преносот во живо на интернет-страницата „НАСА Спејс Флајт“, се гледа како се случува силна експлозија на лансирната рампа за време на самиот тест.
Ракетните компании вообичаено ги расчистуваат локациите за лансирање пред да се спроведат големи тестови.
„Сите вработени се евидентирани и безбедни. Премногу е рано да се знае главната причина, но веќе работиме на нејзино откривање. Многу тежок ден, но ќе изградиме повторно сè што треба да се изгради и ќе се вратиме на летањето. Вреди“, напиша Безос на американската компанија за социјални медиуми Х.
Како што се известува, „Блу Ориџин“ се надеваше дека ќе ја лансира оваа тешка ракета дури 12 пати оваа година.
Ракетата „Њу Глен“, исто така, се очекува да игра улога во програмата „Артемис“ на НАСА, која има за цел да ги врати астронаутите на Месечината.