Hazel Belkıs Belge
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Малезија денес започна со спроведување на новите регулативи со кои им се забранува на децата под 16-годишна возраст да креираат профили на социјалните мрежи, како дел од пошироките напори на државата за зајакнување на безбедносната заштита на младите корисници на интернет, јавува Анадолу.
Мерките, воведени во рамките на Законот за безбедност на интернет од 2025 година на Малезија, наложуваат лиценцираните платформи за социјални медиуми да имплементираат системи за верификација на возраста, кои ќе користат документи за идентификација издадени од Владата или други официјално признаени регистри.
Комисијата за комуникации и мултимедија на Малезија соопшти дека новите правила стапуваат на сила денес.
Според воведените мерки, само на корисниците на возраст од 16 години и нагоре ќе им биде дозволено да креираат профили и да пристапуваат до функциите на платформите кои се соодветни за нивната возраст.
Властите соопштија дека постоечките корисници ќе бидат подложни на процесот на верификација постепено, во период од најмногу шест месеци. На корисниците за кои ќе се утврди дека се под 16-годишна возраст ќе им биде даден рок од еден месец да ги преземат или префрлат своите лични податоци пред да бидат воведени ограничувањата или другите мерки поврзани со нивните кориснички профили.
Правилата се однесуваат на платформите со милиони корисници, меѓу кои Фејсбук, Инстаграм, Тик Ток и Јутуб.
Владата соопшти дека целта на овие мерки е да се заштитат децата од штетна онлајн содржина, кибернасилство и платформи со функции кои предизвикуваат зависност.
Компаниите кои нема да се усогласат со овие одредби може да се соочат со казни до 10 милиони рингити (2,5 милиони долари).
Малезија им се приклучува на земјите, меѓу кои и Австралија и Индонезија, кои воведоа ограничувања за пристапот на децата до платформите за социјалните медиуми. Неколку други држави, меѓу кои и Франција, Тајланд и Јужна Кореја, се во фаза на проучување или развивање на вакви регулативи.