Altuğ Acer
10 Април 2016•Ажурирај: 11 Април 2016
ЧАНАККАЛЕ (АА) – Лекарите предупредуваат на тоа дека и пролетното, не само летното сонце, може да влијае негативно на кожата, доколку кожата не се заштити на соодветен начин, јавува Anadolu Agency (AA).
Професорката од Универзитетот 18 март во Чанаккале, докторката Зерин Огретмен изјави дека ултравиолетовите зраци (УВ) не се штетни само за време на летниот период туку од нив треба да се заштитиме и во текот на пролетта, односно во текот на целата година.
УВА зраците, како како вели таа, се присутни во текот на целата година и можат да влијаат дури и на лица кои седат на прозорец на сончевата страна.
“УВБ зраците обично се јавуваат во летниот период. Но, уште од пролетта можеме да го осетиме нивното влијание. УВА и УВБ зраците се канцерогени. Истовремено УВА зраците создаваат пигментни флеки. Поради тоа е потребно секогаш да се штитиме од сонцето. Не е во ред да се мисли дека нема сонце за време на облачните денови”, рече Огретмен и додаде дека светлосните зраци кои ги зрачи сонцето секогаш доспеваат до земјата, дури и кога не е сончево.
Како што истакна таа, сончевите зраци имаат предности и недостатоци, а недостатоците се тоа што можат да предизвикаат пигментни флеки, рак на кожата како и други кожни заболувања.
Професорката како заштита препорача помало изложување на сонце, користење на препарати за заштита од сонце, поширока облека, како и капи и шешири.
Покрај тоа, таа предупреди дека при избирањето на препаратите за заштита од сонце, треба да ги бираме оние препарати кои не содржат канцерогени материи, односно таквите препарати треба да се бираат внимателно за да не дојде до алергии или слично.
“При бирањето на препаратите потребно е да го познавате својот тип на кожа и при тоа да го изберете препаратот”, нагласи Огретмен и додаде дека исто такa и правилната исхрана е исклучително важна за здравата кожа, и дека е потребно да конзумираме соодветни количини на овошје и зеленчук.