наука и технологија

Кинеското вселенско летало „Шенџоу 13“ се спои со вселенската станица

Од тричлениот екипаж, покрај спроведувањето различни медицински и експерименти од полето на физиката, се очекува да извршат две до три вселенски прошетки и да инсталираат нова роботска рака...

Emre Aytekin  | 16.10.2021 - Обновена : 18.10.2021
Кинеското вселенско летало „Шенџоу 13“ се спои со вселенската станица

ПЕКИНГ (АА) - Кинеското вселенско летало „Шенџоу 13“ се спои со основниот модул на вселенската станица „Тиангонг“, означувајќи го почетокот на шестмесечниот престој во орбитата на тричлениот екипаж, соопшти денес Кинеската вселенска агенција (CMSA), пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Шенџоу 13“ се спои со вселенската станица денес, околу 6,5 часа по полетувањето од Центарот за лансирање сателити во пустината Гоби во северна Кина, се додава од Агенцијата.

Тричлениот екипаж го сочинуваат Ванг Јапинг (41), првата кинеска жена астронаут на вселенската станица, Џаи Џиганг (55) и Је Гуангфу (41).

Покрај спроведување различни медицински и експерименти од полето на физиката во вселената за време на нивниот престој, се очекува астронаутите да извршат две до три вселенски прошетки и да инсталираат нова роботска рака за идните градежни операции во вселенската станица „Тиангонг“.

„Шенџоу 13“ ќе биде последната голема мисија на вселенската агенција оваа година. Шест мисии, од кои две со екипаж, се планираат за следната година да ја завршат изградбата на вселенската станица и да ги достават лабораториските модули „Вентиан“ и „Менгтиан“.

Екипажот на „Шенџоу 15“ ќе изврши ротација во орбитата со екипажот на „Шенџоу 14“, што значи дека вселенската станица за првпат ќе стане дом на шест астронаути.

Кога ќе биде завршена, вселенската станица „Тиангонг“ ќе биде околу една четвртина од големината на Меѓународната вселенска станица, која беше изградена со здружените сили на 16 земји.​​​​​​​

Кинеската вселенска станица најверојатно ќе биде единствената во орбитата близу Земјата до крајот на деценијата, бидејќи Меѓународната вселенска станица (ISS), а особено нејзиниот руски модул „Ѕвезда“, се ближи кон крајот на својот животен век.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.