Fuat Kabakçı
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
ПЕКИНГ (АА) - Во рамките на научната мисија, кинеската подморница „Jiaolong“ (Џиаолонг) нурна на длабочина од 6.699 метри на дното од Тихиот Океан, и тоа на местото Маријански канал, кое е познато како најдлабоката јама на планетата, јавува Anadolu Agency (AA).
Подморницата позната уште како „Змеј”, заедно со научниците беше транспортирана со брод до оддалечениот Маријански канал во Пацификот, а од 23 мај успешно изврши вкупно четири нурнувања на дното од океанот.
Првото нурнување беше изведено на длабочина од 4.811 метри, наредните беа на поголема длабочина, а утринава подморницата стигна до речиси рекордни 7.000 метри, кои истата подморница ги оствари во 2012 година.
За време на деветчасовната мисија, кинеските научници фотографираа и собираа примероци од живот во темните длабочини на океанот. Тестирани се и некои нови технологии во опремата за подморници.
Паралелно со научниот придонес во истражувањето на екосистемот, геодетските и други параметри во морските длабочини, мисиите на кинеските подморници имаат и пошироко значење за кинеската јавност во чија митологија често се провлекува идејата за заминување на морското дно или во вселената на грбот на змеј.
Кинезите тие соништа за заминување во темните длабочини и висини ги остварија со вложување во технолошките достигнувања и со изработка на вселенските летала и подморници коишто најчесто го носат името змеј.