Faisal Mahmud
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Кинеските хирурзи ја извршија првата комбинирана трансплантација во светот на генетски модифициран свински црн дроб и два свински бубрега кај човек, што претставува историски напредок во брзорастечката област на ксенотрансплантацијата, јавува Анадолу.
Процедурата беше извршена врз пациент во состојба на мозочна смрт во Првата поврзана болница на Медицинскиот универзитет во Гуангси, во јужна Кина.
Операцијата ја предводеше професорот Доу Кефенг, академик на Кинеската академија на науките, и вклучуваше истовремена трансплантација на црн дроб и два бубрега од генетски модифицирано прасе, пренесува кинеската новинска агенција „Синхуа“.
Трансплантираните органи функционирале речиси пет дена без знаци на хиперакутно отфрлање, што е еден од најголемите предизвици во трансплантацијата меѓу различни животински видови.
Истражувачите соопштија дека црниот дроб лачел жолчен сок, додека бубрезите продуцирале урина и одржувале стабилен проток на крв, со што е демонстрирана нивната координирана функција во човечкото тело.
Според „Саут Чајна морнинг пост“, испитувањето било дизајнирано за да се процени дали повеќе генетски модифицирани свински органи можат да функционираат заедно кај човек, што е клучен чекор кон решавање на глобалниот недостиг на органи од донори.
Донорот (свињата) претрпел низа генетски измени со цел да се намали ризикот од имунолошко отфрлање на органите и да се подобри компатибилноста со човечкиот организам.
Новинската агенција „Синхуа“ објави дека овој успех се надоврзува на серијата кинески достигнувања во областа на ксенотрансплантацијата, вклучувајќи ги и претходните успешни експерименти за пресадување свински бубрези и црн дроб.
Истражувачите рекоа дека најновата процедура обезбедува вредни докази кои ја поддржуваат изводливоста на мултиорганската ксенотрансплантација.
Иако трансплантацијата беше спроведена како научна студија, а не како долгорочен третман, експертите велат дека таа означува значаен чекор кон идната клиничка употреба на животински органи кај луѓето, иако предизвиците поврзани со долгорочното преживување и имунолошката компатибилност и понатаму остануваат.