Yeşim Yüksel
21 Април 2026•Ажурирај: 21 Април 2026
Зголемените нивоа на јаглерод диоксид во атмосферата би можеле да претставуваат долгорочен ризик по здравјето на човекот преку промена на хемискиот состав на крвта и евентуално нарушување на балансот во метаболизмот, изјави експерт за јавно здравје.
Во разговор со Анадолу, Назми Билир, специјалист по интерна медицина и јавно здравје, упати предупредување дека дури и умерено зголемување на јаглерод диоксид би можело да предизвика физиолошки ефекти, иако сериозните здравствени проблеми остануваат ретки во сегашни услови.
„Средините што се изложени на благо покачени нивоа на јаглерод диоксид може да доведат до тешкотии со дишењето, палпитации и неправилен срцев ритам”, истакна Билир. Сепак, тој појасни дека „ваквите случаи се исклучително ретки бидејќи концентрациите нa CO2 вообичаено не достигнуваат нивоа што би му нанеле сериозна штета на човекот”.
Неговите коментари доаѓаат по истражувањето објавено во списанието „Springer Nature”, кое сугерира дека порастот на атмосферскиот јаглероден диоксид со текот на времето би можел да доведе до мерливи промени во крвните маркери кај луѓето.
Студијата ги анализираше податоците од американското Национално истражување за здравје и исхрана (НХАНЕС) во периодот меѓу 1999 и 2020 година, фокусирајќи се на индиректни показатели за изложеност на CO2, вклучително и нивоата на бикарбонати, калциум и фосфор во серумот.
Истражувачите откриле дека нивото на бикарбонати во серумот се зголемило за околу 7 отсто за период од две децении, што е паралелно со порастот на атмосферскиот јаглерод диоксид, додека нивоата на калциум и фосфор покажале постепен пад.
Доколку овие трендови продолжат, студијата укажува на тоа дека нивоата на бикарбонати би можеле да се приближат до горната граница на здравиот опсег во рок од 50 години, додека нивоата на калциум и фосфор би можеле да паднат до долните граници до крајот на векот.
Билир појасни дека јаглерод диоксид влијае врз телото преку создавање јаглеродна киселина во крвта, што потенцијално може да ја наруши нејзината pH рамнотежа. Здравата pH-вредност на крвта вообичаено се движи помеѓу 7,3 и 7,4, па дури и најмалите поместувања кон зголемена киселост може да ги попречат метаболичните процеси.
„pH вредноста е исклучително чувствителен индикатор за киселинско-базната рамнотежа на телото”, истакна тој, додавајќи дека „поместувањето кон покисела состојба може да доведе до метаболични проблеми”.
И покрај ваквите загрижувања, Билир нагласи дека сегашните нивоа на јаглерод диоксид во атмосферата веројатно нема директно да предизвикаат масовни здравствени проблеми, иако долготрајната изложеност на покачени нивоа би можела, со текот на времето, да придонесе за појава на состојби како што се коскени нарушувања.
Јаглерод диоксидот е природна компонента на атмосферата, сочинувајќи мал дел заедно со азотот и кислородот. Тој игра клучна улога во одржувањето на температурата на Земјата преку задржување на топлината, но неговата концентрација е зголемена поради човечките активности, како што се согорувањето на фосилните горива, индустриското производство и транспортот.
Билир повика на итни мерки за намалување на емисиите, вклучително ограничување на употребата на фосилни горива, проширување на обновливите извори на енергија, како што е соларната моќ и зголемување на зелените површини преку пошумување.
„Постојат извори што создаваат јаглерод диоксид и системи што го апсорбираат. Оваа рамнотежа мора да се помести преку намалување на страната што произведува и зголемување на страната што консумира. На пример, од исклучителна важност е да се редуцира сообраќајот, индустриските капацитети и изворите на греење што се потпираат на фосилни горива, како и во поголема мера да се користи соларната енергија, која во последно време привлекува сè поголемо внимание. Истовремено, мора да се зголеми и потрошувачката”, истакна тој.
„Со други зборови, страната што консумира јаглерод диоксид, т.е растенијата, треба да се прошири или барем да се спречи нејзино опаѓање. Од огромно значење се зголемувањето на напорите за пошумување, спречувањето на шумските пожари, како и обезбедувањето рана и ефикасна интервенција при појава на пожари”, додаде тој.
Побезбедните извори на енергија треба да ги заменат фосилните горива во објектите и урбаните системи за греење, како дел од пошироките политички препораки, истакна Билир, додавајќи дека таквите мерки би можеле да се зајакнат преку официјална легислатива што би ги опфатила греењето и транспортот.
„Прописите за климата и заштитата на животната средина сега се на дневен ред. Нивното проширување и поддршката ќе бидат важни“, рече тој.