Berk Kutay Gökmen
30 Јуни 2026•Ажурирано: 30 Јуни 2026
Археолозите открија пештера користена од преднеандерталци пред 400.000 години, што ја прави една од ретките познати локации од овој слабо истражен период достапни за научни проучувања, објави „Си-ен-ен“ денес, пренесува Анадолу.
Пештерата, која се наоѓа во предградието на Фуреидис во северен Израел, беше истражена пред планирани градежни работи. Според археологот Коби Варди, археолозите во 1970-тите години верувале дека таа била користена пред околу 200.000 години.
Меѓутоа, Варди и неговиот колега Рон Шимелмиц, вонреден професор по Археологија на Универзитетот во Хаифа, сега утврдија дека таа била населена уште пред 400.000 години.
До овој заклучок дојдоа откако открија камени алатки од кремен – вклучувајќи рачни секири, стругалки и ножеви – типични за културата Ашело-Јабрудиен на преднеандерталските хоминини кои живееле во регионот во тоа време.
Хоминини се членовите на човечката лоза кои се издвоиле од последниот заеднички предок со шимпанзата. Неандерталците, на пример, се изумрена гранка на човечкото стебло, а не директен предок на современите луѓе (иако современите луѓе имаат неандерталска ДНК од вкрстувањето).
Варди изјави дека било „големо изненадување“ да се открие дека пештерата е многу постара отколку што се верувало претходно. Неа ја населувале припадници на културата Ашело-Јабрудиен, кои живееле низ Левант или Блискиот Исток, во периодот меѓу околу 400.000 и 250.000 години пред нашата ера.
Тимот исто така откри коски од животни, вклучувајќи елен лопатар и газела, што укажува на тоа дека големи групи хоминини живееле заедно во пештерата, ловеле диви животни и користеле оган.