наука и технологија

Антибиотска резистенција - непријател кој го знае вашиот следен чекор

Околу 2,4 милиони луѓе би можеле да умрат во Европа, Северна Америка и Австралија до 2050 година поради инфекции предизвикани од резистентни бактерии

Sibel Uğurlu  | 17.11.2019 - Обновена : 19.11.2019
Антибиотска резистенција - непријател кој го знае вашиот следен чекор

АНКАРА (АА) - СИБЕЛ МОРОУ -

Само 70 години по воведувањето антибиотици, подарокот за човештвото од 20 век што може да излечи многу болести кои инаку би можеле да бидат смртоносни, сега светот се соочува со нов проблем - отпорноста на антибиотици, пишува Агенција Анадолија (АА).

Антимикробните лекови, познати како антибиотици, се лекови кои се борат со бактериите преку нивно уништување или запирање на нивниот раст.

До откривањето на пеницилинот во 1928 година, луѓето низ светот водеа губитничка борба против бактериските заболувања како менингитисот, пневмонијата или постоперативните инфекции.

Според една студија спроведена во 2016 година од страна на американскиот Национален центар за биотехнолошки информации (NCBI), пред 20-тиот век, просечниот животен век бил 47 години, дури и во индустријализираните земји. Но, по појавата на антибиотиците, просечниот животен век се искачи на скоро 80 години.

Со употребата на антибиотици, главните причинители на смртност - заразните заболувања, се префрлија кај незаразните, како што се кардиоваскуларните заболувања, карциномот и мозочниот удар.

- Нема антибиотик кој ги лечи сите болести -

„Антибиотиците не се лекови против болки или антипиретици. Поради распространетите заблуди, луѓето имаат тенденција да користат антибиотици за борба против настинката и грипот“, изјави за АА Јелиз Демирџи, лекар специјалист по семејна медицина од Аксарај, централна Турција.

„Но, инфекциите како инфлуенцата и настинката не се предизвикани од бактериски инфекции, туку од вируси, така што користењето антибиотици за нивно лекување нема да помогне, бидејќи тие немаат никаков ефект врз вирусите“, додаде таа.

Демирџи рече дека антибиотиците спасуваат живот, но дека треба да се користат за конкретното заболување, во соодветно време и во точно одреден временски период. „Не постои антибиотик кој може да ги излечи сите болести“.

„Секој антибиотик делува на различна бактерија. Областа на која е ефикасен секој антибиотик е ограничена. Со други зборови, антибиотиците што се користат за лекување на инфекција на грлото и белите дробови не можат да се користат за инфекции на уринарниот тракт, бидејќи тие не делуваат. Не можат да се користат сите антибиотици кај сите болести“, објасни таа.

- Антибиотската резистенција расте до опасни високи нивоа -

Откривањето на антибиотиците, за жал, доведе до голема закана по здравјето поради нивната неправилна употреба. Бактериите кои некогаш биле чувствителни на антибиотиците, сега станале отпорни, како непријател кој претходно ги знае вашите следни чекори.

Демирџи вели дека беспотребното користење антибиотици предизвикува бактеријата да развие отпорност на последователните терапии со лекови.

„Оваа состојба, наречена антибиотска резистенција (отпорност на антибиотици), е стекната способност на бактериите (наречени супербактерии) да растат и да инфицираат и покрај присуството на антибиотици“, вели таа.

Отпорноста на бактериите на антибиотици претставува опасност не само за лицето кое неправилно ги користи антибиотиците, туку за кој било што е под потенцијален ризик да се зарази со резистентна бактерија потоа.

„Со оваа отпорност, антибиотиците можат да се карактеризираат како целосно неефикасни, заразните болести не можат да се излечат, па дури и мала заразена рана може да резултира со смрт. Непотребната и неправилната употреба на антибиотиците може да има сериозни последици во иднина“, предупреди Демирџи.

Светската здравствена организација (WHO) предупреди дека антибиотската резистенција расте кон многу опасно високо ниво во сите делови на светот.

„Новите механизми на отпорност се појавуваат и се шират на глобално ниво, загрозувајќи ја нашата можност за лекување на вообичаените заразни болести“, вели Агенцијата на ОН. „Растечниот список на инфекции - како пневмонија, туберкулоза, труење на крвта, гонореја и болести предизвикани од храна - станува сѐ потешко, а понекогаш и невозможно да се третираат бидејќи антибиотиците стануваат помалку ефикасни“.

Додека антибиотиците се ефикасни во лекувањето на одредени болести со уништување на штетните бактерии, Демирџи рече дека со нив исто така може да се уништат и корисните бактерии во нашиот организам кои ги бранат цревата, кожата, гениталиите и другите системи.

„Уништувањето на корисните бактерии во нашето тело со антибиотици значи дека ни недостасува поддршката што ја добиваме од овие корисни бактерии, што, за жал, го отвора патот за раст на други штетни бактерии“, рече таа.

„Ова води кон појава на опортунистички инфекции како дијарејата и габичните инфекции. Лечењето на овие нарушувања неповолно влијае на индивидуата, во зависност од нејзиниот имун систем“.

Демирџи вели дека антибиотиците треба да се користат само кога се препишани од лекар, во соодветно време и на соодветен начин. „Само на овој начин се уништуваат бактериите што предизвикуваат болести и се спречува развивањето резистенција кај бактериите“, рече таа.

- Пренос преку гени -

Таа исто така укажа на отпорноста пренесена од бактерии на бактерии преку гените.

„Бактериите стануваат отпорни на антибиотиците со кои се среќаваат многу често, или во несоодветно време или несоодветна доза - ова предизвикува промена во гените на бактериите. Оваа отпорност се пренесува од бактерии на бактерии преку гените, но се јавува помеѓу бактериите. Нема пренос од родител на неговото потомство.

„Ако луѓето се соочат со овие супербактерии, антибиотикот кој некогаш бил ефикасен, повеќе нема да лечи како резултат на отпорноста на бактеријата“, рече таа.

- Зошто некои земји се повеќе погодени од други?

Иако неправилната употреба на антибиотиците е глобален проблем, причините за повисока или пониска стапка на резистенција се разликуваат во зависност од зачестеноста на употребата, базичните заболувања, квалитетот на болничката нега, стапките на имунизација и општествените фактори.

Иако луѓето во земјите во развој сè уште умираат поради недостаток на неопходната антибиотска терапија, на секој континент постои загриженост од зголемувањето на отпорноста што произлегува од неправилната употреба на антибиотиците.

Според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) за 2018 година, околу 2,4 милиони луѓе би можеле да умрат во Европа, Северна Америка и Австралија до 2050 година поради инфекции предизвикани од резистентни бактерии, освен ако не се преземе нешто повеќе за да се сопре антибиотската резистенција.

Студијата вели дека три од четири смртни случаи од инфекции од резистентни бактерии може да се избегнат со трошење на само 2,58 долари по човек годишно за чекори исто толку основни, како што е миењето раце, и на повнимателната примена на антибиотиците.

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) за 2015 година, Турција се наоѓа на 7. место во однос на пропорциите за резистентност за осум основни парови антибиотици-бактерии, со 38,8 отсто, после Индија, Кина, Русија, Романија, Индонезија и Перу.

Ситуацијата е уште пострашна во Индија, каде што 57,1 отсто од луѓето веќе имаат развиено резистентност на осум главни антибиотици.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.