Mücahithan Avcıoğlu
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, и претседателот на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел, оваа недела одржаа итен состанок со водечките извршни директори на Волстрит, во екот на зголемената загриженост дека најновиот модел на вештачка интелигенција на компанијата „Антропик“ (Anthropic PBC) би можел да ги зголеми ризиците од кибернапади за финансискиот систем, објави денес „Блумберг Њуз“, повикувајќи се на добро информирани извори, пренесува Анадолу.
Состанокот се одржа во вторникот во Министерството за финансии во Вашингтон и беше организиран во краток рок за да се осигура дека големите банки се свесни за потенцијалните ризици што ги претставува моделот „Митос“ на „Антропик“ и други слични системи, наведуваат изворите.
Според веста, официјалните лица се обиделе да проценат дали најголемите банки во земјата преземаат доволно мерки на претпазливост за да ги заштитат своите системи од новите закани поврзани со секојдневно помоќните модели на вештачка интелигенција (ВИ).
На состанокот била нагласена зголемената загриженост на регулаторите дека новата генерација алатки со вештачка интелигенција би можела да биде искористена за спроведување пософистицирани кибернапади, што претставува сериозна закана за финансиската стабилност.
Банките поканети на состанокот се сметаат за системски важни од страна на регулаторите, што значи дека какви било прекини што ги погодуваат нив би можеле да имаат пошироки последици за глобалниот финансиски систем.
„Антропик“ го опиша „Митос“ како значително помоќен модел, по поттик од корисниците, да идентификува и искористува „ранливости“ кај главните оперативни системи и веб-прелистувачи.
Компанијата го ограничи пристапот до моделот на мал број големи технолошки и финансиски фирми, вклучувајќи ги „Амазон“, „Епл“ и „Џеј-Пи Морган Чејс“, во рамките на иницијативата позната како „Проект Гласвинг“ , чија цел е обезбедување на клучните системи пред слични модели да станат пошироко достапни.
Од „Антропик“, исто така, соопштија дека одржале разговори со американски официјални лица пред објавувањето на моделот во врска со неговите можности, како за изведување кибернапади, така и за одбрана од нив.“
Меѓу банкарските раководители повикани на состанокот беа извршната директорка на „Ситигруп“, Џејн Фрејзер, извршниот директор на „Морган Стенли“, Тед Пик, извршниот директор на „Бенк оф Америка“, Брајан Мојнихан, извршниот директор на „Велс Фарго“, Чарли Шарф и извршниот директор на „Голдман Сакс“, Дејвид Соломон.
Извршниот директор на „Џеј-Пи Морган“, Џејми Дајмон, не бил во можност да присуствува.
Инаку, „Антропик“ е во судски спор со администрацијата на Трамп откако Пентагон ја означи компанијата како ризик за синџирот на снабдување, потег на кој фирмата се спротивстави.
Претходно оваа недела, Федералниот апелационен суд го одби, засега, барањето на „Антропик“ за запирање на таа ознака.