Gamze Türkoğlu Oğuz
04 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Утврдено е дека отпорноста кон антибиотиците е тесно поврзана со средствата за дезинфекција кои содржат „триклозан“, а често се користат во домашни услови, јавува Anadolu Agency (AA).
Научниците од Универзитетот „Бирмингем“ и од „Истражувачки парк Норвич“ спроведоа истражување во врска со средствата за чистење што се користат во домашни услови, при што открија дека средствата за чистење коишто содржат триклозан создават механизам на отпорност кон антибиотици.
Во истражувањето е забележано дека една бактерија почнала да мутира поради антибиотиците што содржат кинолин, развивајќи отпорност кон нив, а истовремено е забележано дека таа станала отпорна и на триклозан, што е оценето како „неочекуван наод“.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Journal of Antimicrobial Chemotherapy“.
Антибиотиците кои содржат кинолин имаат значајно место во лекувањето на луѓето и се класифицираат како моќни лекови.
Ова откритие ја зголеми загриженоста за антимикробиолошката отпорност што се создава со употреба на средствата за чистење што содржат триклозан. Забележан е пораст на употребата на ваквите средства за чистење во домаќинствата во последните 10 години.
Минатата година, американскиот Институт за храна и лекови, по извршените научни истражувања поврзани со триклозанот и триклокарбонот, ја забрани продажбата на антибактериските сапуни во земјата.
Во претходно извршените истражувања на триклозан, било забележано дека постои поврзаност со одредени здравствени нарушувања кај луѓето и животните. Од хемиски аспект, било забележано дека настанала микробиолошка промена кај човечките црева.
И земјите од Европската Унија (ЕУ) воведоа забрана за употреба на оваа материја во производите за хигиена.
Од друга страна, се истакнува дека продолжува употребата на триклозанот во пастите за заби, бидејќи се верува дека е ефикасен против бактериите што предизвикуваат болести на гингивата во усната празнина.