Emre Doğan
14 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Шпанецот Едуард Прадес од тимот Еускади Баск Кантри-Муријас е победник на 54. Претседателска велосипедска тура „Tour of Turkey“, јавува Anadolu Agency (AA).
ТУР 2018 почна на 9 октомври во Коња, а шестата и воедно последна етапа на оваа велосипедска трка е возена од Бурса до Истанбул.
Во последната етапа се стартуваше од Плоштадот на демократијата - 15 јули во Бурса.
Велосипедистите потоа поминаа низ тунелите „Селчукгази“ и „Орхангази“, за преку мостот „Османгази“ и Евроазискиот тунел да пристигнат до плоштадот „Султанахмет“ во Истанбул.
Победник во етапата Бурса - Истанбул е Ирецот Сем Бенет, од тимот Бора-Хансгрое, кој патеката ја мина за 3 часа, 36 минути и 28 секунди. Бенет дојде до својата трета етапска победа на ТУР 2018 по извонредна завршница на 1,2 километар до целта.
Како втор на целта во шестата етапа пристигна Едуард Прадес од тимот Еускади Баск Кантри-Муријас, со задоцнување од 5 секунди, додека третопласиран е Луксембуржанецот Жан-Пјер Друкер од американскиот тим БМЦ Рејсинг.
Според севкупниот резултат, на првото место заврши Едуард Прадес, кој немаше ниту една победа во етапи, но успеа да собере најголем број поени во шесте етапи.
На второто место е Казахстанецот Алексеј Лутценко од тимот Астана Про, додека на третото место во севкупниот пласман се најде Австриецот Нејтан Хас од тимот Катјуша Алпесин.