СКОПЈЕ (АА) – Да бидете успешни во она што го работите без оглед на што се однесувало пред се постои еден најважен предуслов, а тоа е да го сакате она за што ќе се одлучите да го изучувате и работите. Токму со овие зборови скопјанката Ивона Стојановска, во разговор за Anadolu Agency (AA) зборува за нејзината љубов кон турскиот јазик и старотурската книжевност.
По завршувањето на додипломските студии на германски јазик со турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ, во Скопје, поради големата љубов кон турскиот јазик, турската книжевност и култура одлучува своето високо образование да го продолжи на Истанбулскиот универзитет за турски јазик и книжевност, поточно за старотурска книжевност.
Таа вели дека уште од најрана возраст кај неа се јавила љубопитноста за јазиците и другите култури.
“Турците велат еден јазик, една личност. Еден јазик изучуваш, вредиш колку една личност, повеќе јазици изучуваш, вредиш колку повеќе личности“ , вели Ивона почнуваќи ја својата приказна за љубовта кон турскиот јазик и книжевност, за која вели дека се родила сосема случајно при нејзините студии на Филолошкиот факултет, каде започнала да учи германски и италијански, но интересните предавања по старотурски јазик кои ги посетила сосема случајно, како и љубезноста на професорите од Катедрата по турски јазик “превагнале“ таа да се одлучи наместо италијанскиот, да го изучува турскиот јазик, што подоцна станува предмет на нејзино сериозно интересирање и студирање на старотурскиот јазик и книжевност.
“Мојата желба се појави уште од најмала возраст, имам слушано турска музика иако не разбирав што значи турската музика, сепак, со текот на времето почнав да истражувам, да одам на курсеви, најпрвин од средно почнав со германскиот јазик, кога запишував факултет бидејќи учев германски јазик, продолжив со германскиот јазик но имавме можност да одбереме втор јазик. Продолжив со италијанскиот, ги положив успешно испитите на Филолошкиот факултет, но влегов на неколку предавања по старотурски јазик и турска книжевност и станав фрапирана од старотурскиот јазик, бев воодушевена од сите тие преводи кои ги има направено Фадил Хоџа, Лејла и Меџнун од познатиот турски писател Фусули од 16-ти век и така да како втор го земав турскиот јазик“, раскажува Ивона.
-Старотурската книжевност има душа -
При изучувањето на старотурскиот јазик и книжевност, навлегувајќи во сржта на старотурската книжевност која изобилува со мудрост, отвара нови патишта во животот на Ивона, која вели дека не случајно во оваа толку богата книжевност пронашла сè што може да се пронајде во една според нејзе “идеална личност“.
“Ја сакам поезијата и прозата. Едноставно, старотурската книжевност има душа. Се што гледаш да пронајдеш во една личност, наоѓаш во старотурската книжевност. На пример, верата кон Господ, љубовта, почитта и сето тоа го има во целина како еден мозаик во старотурската книжевност“, раскажува Ивона, споделувајќи ги своите чувства кои ги негува кон старотурската книжевност за која вели дека е нејзината “најголема љубов“.
За да успее во квалитетно изучување на јазикот и книжевноста, Ивона признава дека е потребен огромен труд, желба и пожртвуваност. Продолжувајќи ги магистерските студии на Истанбулскиот универзитет, одејќи најпривин една година на курс на Институтот за јазик, Томер, имајќи подготвителна настава на Османлиско-турски јазик, како и продолжување на некои предмети кои не ги слушала на додипломските студии. Ивона две години работела на магистерската теза со нејзиниот ментор Џемал Аксу, за кој зборува во суперлатив, опишувајќи го како вистински мајстор на својот занает. За нејзе, колегијалниот пристап на меноторот и неговата посветеност биле голема поддршка и мотивација, посебно во тешките моменти кога таа била во дилема дали ќе успее во посакуваната цел.
“За некои колеги што доаѓаат од Саудиска Арабија, од Јемен, Авганистан тие работи им беа познати од претходно, затоа што ја користеле таа азбука, или Ујгур Турците кои се од источен Туркменистан од делот во Кина, коишто ја употребуваат таа арапска азбука им беше полесно поради претходното познавање на материјата, додека ние коишто доаѓаме од балканските земји имавме поголема потреба од подготвителна настава на османлиски јазик“, објаснува Ивона. Раскажува дека нејзината магистерска теза “Бахри“ ги прошири нејзините хоризонти и имаше големо влијание на неа во однос на нејзиниот светоглед.
“Магистрирав во август. Магистерската теза Бахри, за пронаоѓањето на овој Диван ми помогна професорот бидејќи тој Диван е единствен“.
Мотивите да ја работи оваа магистерска теза се многубројни. Ивона сметка дека Османлиите имаше исклучително богата култура, што може да се заклучи и од книжевноста во тој период од темите кои биле обработувани, како и начинот на кој се размислувало, а кој исто така е затапен во делата од тој период. Книжевноста е она што таа би сакала да се врати од тој период.
“Заљубена сум во нешто што е чисто, искрено, скромно а сето тоа го наоѓам во старотурската книжевност. Би рекла 90% од старотурската книжевност е љубовта кон Господ. Онаа чиста љубов, онаа безусловна љубов, онаа љубов која е на првото место“ ,истакнува Ивона.
Во старотурската книжевност, вели таа, застапени се делови од Куранот, делови од суфизмот, од дервишките редови, текиња, ајети, хадиси.
“Додека го работев сето тоа се чувствував просветлено. Денеска се оддалечуваме од нешто што е чисто, ги забораваме вистинските морални вредности“, вели Ивона.
Работејќи на својата магистерска теза Ивона го читала светото писмо Куранот, од каде, вели, дознала многу работи.
“Од кои поглавја е составен Куранот, од колку поглавја поминува мојата теза, Фатиха сурето, Хиџра, едно од најдолгите поглавја во Куранот Бекаре...“ , раскажува скопјанката Ивона, присетувајќи се на некои итнересни анегдоти за време на нејзиниот студентски престој во Турција.
“Ме интересираа луѓето со исламска вероисповест кое поглавје кога се чита. Со оглед дека престојував четири години во интернат во Турција, се има случувано пред испит или некој значаен ден да читаат "Јасин суреси", "Фатиха суреси" кое има големо значење. Не ја знаев разликата во терминологијата. Ми се има случено да учествувам на симпозиум, каде професорот пред да зборува за Руми, изговара нешто во себе, колешката ми вели дека сè што се започнува, се започнува со името на Господ, сето тоа беше нешто ново за мене“, открива таа, додавајќи и дека самиот Бахри, кој е темата на нејзината магистерска работа за нејзе претставува “патоказ за животот понатаму и да биде подобра личност.“
Изборот за студирање на различна култура, која меѓу другото ја опфаќа и религијата, во ниту еден момент за Ивона не претставувало никаква пречка. Таа вели дека ја имала максималната поддршка од своите најблиски.
“Морам да напоменам дека сето тоа потекнува од воспитувањето. Уште од мала ме учеа да ги делам луѓето на добри и лоши. Колку го ценам туѓиот човек толку се ценам самата себе, колку ја ценам туѓата вера, толку ја ценам својата вера, така што не сум наишла на одбивност од најблиските но и од околината“, истакнува Ивона.
“Јас најпрвин мислам дека и младите луѓе треба да се похрабри и да се обидат да допрат до нешто ново што е несекојдневно и да не судат само според надворешниот изглед на некоја личност, туку да се запознаат со она што таа го изучува, и дали тоа е така. Најдобро се учи од сопственото искуство. Така се станува побогат”, смета Ивнона. Таа вели дека старите ракописи имаат душа и непроценлива историска, културна но и општествена вредност.
“За мене старите ракописи имаат душа. Кажуваат нешто. До ден денес ни говорат за нешто, имаат порака која тера кон моралните вредности, кон коренот. Кон нешто што е вистинско, каква што би требала да биде душата на човекот, како што е памукот”, истакнува Ивона, при тоа кажувајќи дека сега за разлика од минатото се нарушени моралните вредности кои таа посакува да се вратат, напоменувајќи дека најпрвин треба да се врати почитта кон семејството.
Зборувајќи за искуствата и анегдоните за време на магистерските студии во Турција, Ивона издвојува неколку интересни моменти кои врз неа имале силно влијание.
“Кај професорите видов османлиска традиција. Моментално сум тука два месеци, а ми недостасува таа чистина. Велат ,не го употребувај често името на Господ, ин ша Аллах и ма ша Аллах, бидејќи тие зборови имаат посебна вредност. Професорите од турската катедра, нивната поддршка и човечност со која ме пресретнаа ми недостига многу. Ми недостигаат тие вистински човечки вредности за кои тие сè уште се борат”, носталгично изјавува таа.
Османлиското време за овој млад лингвист значи “време во кое сме живееле сите заедно, кога била една империја, темел кој има продолжетоци и ден денес. Време од кое можеме да црпиме душа, нешто со што можеме да се гордееме” .
Поради сите наведени аспекти и одлики на старотурската книжевност, Ивона несебично открива дека посакува повторно да се врати, и вели "со идејата сè уште живеам со Османлиите”, истакнува завршувајќи го разговорот.
news_share_descriptionsubscription_contact
