Ivana Ramadanova
17 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод Меѓународнот ден за борба против сиромаштијата, денеска во Скопје се одржа конференција насловена како „И јас сакам да имам живот како другите!“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателката на Македонската платформа против сиромаштијата, Билјана Дуковска, ова претставува единствена можност да се слушнат изворно гласовите на лицата што живеат со проблемите поврзани со сиромаштијата и да им се обратат директно на креаторите на политиките.
„Нашата порака од оваа платформа е дека не смее една социјална држава да си дозволи да има повеќе од сто илјади свои граѓани што живеат во апсолутна сиромаштија, не смееме да дозволиме повеќе од милион и двесте илјади луге да бидат луѓе што во месецот не можат да врзат крај со крај и не можат да си ги исполнат основните потреби. Испраќаме порака дека секој граѓанин во оваа држава треба да биде вклучен и да му биде дадена можност и услови да парципира во креирањето на политиките и во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на него“, истакна Дуковска.
На конференцијата којашто беше во организација на Македонската платформа за борба против сиромаштијата, покрај Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија во Скопје и Европската платформа против сиромаштијата, учествуваа голем број граѓани и невладини организации.