Satuk Buğra Kutlugün
21 Декември 2017•Ажурирај: 22 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Фудбалската ѕвезда на Баерн Минхен, Франк Рибери, ја изрази својата солидарност со двомесечното бебе кое ја загуби мајка си во напад на сирискиот режим, како и за луѓето од Источна Гута, опколено предградие на Дамаск, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бебето Карим, коe минатиот месец го загуби своето лево око при напад во опколената Источна Гута, стана симбол на отпорот кон режимот на Башар ал-Асад.
Поранешниот француски интернационалец Рибери објави фотографија на „Twitter“ (Твитер) покривајќи го своето лево око за да покаже солидарност со бебето Карим.
Тој исто така го користеше хаштагот #SolidarityWithKarim со емотикон срце на крајот.
Источна Гута се наоѓа под опсада на силите на сирискиот режим од крајот на 2012 година.
Блокадата го остави подрачјето со околу 400.000 жители да се бори со недостатокот на храна, потхранетоста и ги парализираше локалните здравствени установи.
Во меѓувреме, социјалните медиуми забележаа наплив на поддршка за повреденото бебе.
Корисниците на Твитер низ целиот свет испратија свои фотографии на кои со раката симболично го покриваат левото око. Хаштаговите „#BabyKarim I see you“ и „#EasternGhouta siege must end“ се едни од најмногу користените хаштагови на Твитер денес.