Ekipa
19 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
АНКАРА (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК / МЕТИН УНЛУ -
Сумерологот и полиглот Вејсел Донбаз ги поминува пензионерските денови истражувајќи ја историјата на древните источни цивилизации, како еден од ретките познавачи на мртвите јазици кои тие цивилизации ги користеле, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот историчар ги знае древните јазици, вклучувајќи го сумерскиот, хетитскиот и двата дијалекти на акадскиот јазик, односно асирски и вавилонски, а воедно активно зборува и англиски и германски.
Поранешниот шеф на архивите во Археолошкиот музеј во Истанбул, Донбаз, и во подоцнежните години ги истражува клинестите писма и работи на откривање на тајните на древните цивилизации.
Покрај бројните дела што ги напиша во струката, Донбаз воедно е и признат колумнист и карикатурист, чии статии и карикатури се објавувани во голем број турски и странски весници.
Во разговор со новинарот на АА, 78-годишниот Донбаз изјави дека постојат многу мртви јазици за чие постоење сведочат пишаните траги што се предмет на неговиот интерес.
„Како единствен студент во класата, факултетот го завршив во 1962 година. Мојата област ги вклучува јазиците на сумерските и акадските цивилизации. Целиот работен век го поминав во Археолошкиот музеј во Истанбул. Мојата професија во светот ја имаат најмногу 1.500 лица. Не станува збор за популарна професија, туку за професија која директно е поврзана со љубовта кон тој сегмент на историјата на човештвото“, изјави Донбаз.
Истакнувајќи дека акадскиот јазик се користел во древна Месопотамија, односно во Акадската империја која траеше до 24 век пред новата ера, Донбаз изјави дека клинестото писмо останало како неоспорна трага на тие цивилизации кои и понатаму кријат голем број тајни.
„Клинестото писмо е трага воедно и на акадскиот и на сумерскиот јазик. Постојат некои документи напишани на двата јазика“, изјави Донбаз и додаде дека во Археолошкиот музеј во Истанбул постојат голем број записи што го потврдуваат тоа.
Тој, исто така, изјави дека во модерниот турски јазик пронашол повеќе од стотици зборови кои влечат корени од Асирците и Вавилонците, за разлика од постарите сумерски цивилизации од чиј јазик речиси не останало ништо.
„За разбирањето на сумерскиот и акадскиот јазик е потребно да се познаваат двата јазици. Само така може да ја сфатите вредноста и значењето на секој идеограм“, изјави Донбаз.
Истакнувајќи дека мртвите јазици се сметаат за јазици на древните народи кои повеќе не се во употреба, а за кои постојат пишани траги, Донбаз изјави дека Турција е една од земјите со најголем број на записи од периодот на древните цивилизации на Сумерите и Акадите.
Донбаз понатаму изјави дека древниот акадски јазик имал одредено влијание врз модерните јазици, вклучувајќи го и турскиот јазик, и дека многу зборови со потекло од тој период погрешно се сметаат за зборови кои влечат корени и од персискиот или арапскиот јазик. Наведе голем број примери, вклучувајќи ги именките „кабур“ (гроб) или „шехид“ (сведок).
Донбаз објавил голем број научно-истражувачки трудови врз основа на проучувањето на неколку илјади записи од клинестото писмо.
Истакнувајќи дека во последните децении се зголемил интересот за истражување на периодот на Месопотамија, Донбаз изјави дека голем број објавени статии не можат да го носат епитетот научни, бидејќи не се базирани на факти, туку на нечија имагинација и тенденциозност.
„Ги советувам младите да учат странски јазици. Активни и мртви, сеедно тоа е важно. Јазик се учи со постојано повторување, упорност и трудољубивост“, изјави Донбаз кој започна проект за подучување на младите на древните јазици.