Zülfiya Yakup
16 Декември 2015•Ажурирај: 17 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Обединетата косовска опозиција денеска во Пеќ одржа еден во низата митинзи против спогодбата за Заедница од општини со српско мнозинство (ЗСО) и за демаркација на граниата со Црна Гора. Митингот на кој се собраа неколку илјади граѓани се заврши мирно, јавува Anadolu Agency.
Лидерот на опозициското движење "Самоопределување" Висар Имери на собраните им рече дека сите кои протестирале во Ѓаковица, Приштина, Гњилан и денеска во Пеќ, им порачуваат на "Хашим и на Иса" повеќе да не се играат со народот и дека "заедницата и демаркацијата нема да поминат."
Имери рече дека косовскиот премиер и неговиот заменик имаат повеќе лиа, едно за Србија, второ за меѓународната заедница и трето за Косово, како и дека таквите како ив не можат да бидат раководители на Косово. Тој им порача на граѓаните на Пеќ дека опозицијата ги чека на големиот митинг во Приштина, на 9 јануари.
Лидерот на Алијансата за иднина на Косово Рамуш Харадинај потсети дека луѓето од регионот на Пеќ дадоа многу за слободата на Косово и дека сакаат да бидат слободни сите заедници, како и косовските Срби но дека "не дозволуваме Србија да се врати на Косово" .
Во име на Иницијативата за Косово на митингот наместо лидерот Фатмир Лимај, кој поради судски обврски беше отсутен , зборуваше Јакуп Красниќи. Тој наведе дека денеска постои “1001 разлог да се протестира против оваа влада која нанесе многу штета на Косово" и побара оставка од премиерот Мустафа и неговиот заменик Тачи.
Опозицијата смета дека Пеќ е една од општините која е највеќе оштетена со спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора, која "на Косово му одзема повеќе од 8.000 хектари земја" .
Речиси половина опозициски пратеници во косовското собрание се во истражен или во куќен притвор поради фрлање солзавец во парламентот. Од 31 опозициски пратеник до сега се уапсени 13.