Besar Ademi
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Информативниот центар на Европската Унија (ЕУ) во Скопје беше објавен првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија 2014-2020, за кој средства ќе бидат обезбедени од Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2) на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
За овој повик, достапни се 2,89 милиони евра од ЕУ за проекти на двете земји, а право за аплицирање имаат институциите на јавниот сектор, граѓанските организации, стопанските комори, центрите за управување со кризи, основните, средните и стручните училишта, универзитетите итн.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар рече дека проектот придонесува за развој на прекуграничната соработка меѓу двете земји и помага во економската перспектива и политичката стабилност во регионот и пошироко. Тој истакна дека од страна на ЕУ, предвидени се речиси 3 милиони евра за три приоритети на двете земји, и тоа во областа на туризмот и културата, зголемување на вложувањата во вештините за бизнис и во областа на заштитата на животната средина.
„Прекуграничната соработка значи збогатување на иднината, не само за подобро разбирање и подобар живот, но исто така и за зближувањето на граѓаните на двете земји со обезбедување јавни и инфраструктурни услуги. Станува збор за синергија без која државите не би можеле да живеат“, изјави Жбогар.
Од друга страна, министерката за локална самоуправа на Македонија, Ширет Елези, рече дека во рамките на првиот период на програмата, 2007-2013 година, преку ИПА-фондовите биле финансирани 51 проект за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, во износ од 7,2 милиони евра, додека, како што рече, во овој втор период на програмата, одделот со кој управува ќе биде одговорен за реализација на околу 100 милиони евра, за вкупно пет програми за прекугранична соработка, меѓу кои и со Албанија во износ од 12 милиони евра.
„Во првиот програмски период, успеавме да реализираме околу 85 отсто од средствата кои беа на располагање преку ИПА. Охрабрени од ова искуство, имаме намера во вториот период на програмата да постигнеме степен на реализација на повеќе од 90 отсто“, вели Елези, поканувајќи ги потенцијалните корисници да учествуваат со конкурентни и иновативни проекти.
Во меѓувреме, вицепремиерот за европски прашања на Владата на Република Македонија, Арбр Адеми, рече дека со спроведувањето на успешните проекти од првиот период на програмата било стекнато искуство и се изградило прекугранично партнерство коешто може да биде основа за унапредување на успехот на новата програма.
Целта на компонентата за прекугранична соработка е да се промовира прекуграничниот економски, еколошки и социјален развој, со акцент на унапредувањето на туризмот, одржливиот развој и заштитата на животната средина, унапредувањето и збогатувањето на природните ресурси и екосистеми, како и промовирањето на развојот на социјалната и културната кохезија преку активности од типот „од луѓето за луѓето и од институциите за институциите“.
Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е дел од пакетот за надворешни односи со ЕУ. Основната цел за воспоставување на ИПА е координација на сеопфатната помош предвидена за претпристапната фаза, под една единствена рамка, како и обединување на земјите-кандидатки и на потенцијалните земји-кандидатки под една единствена регулатива.