Seyit Ahmet Aytaç
21 Јануари 2019•Ажурирај: 22 Јануари 2019
СУЛТАН КУДАРАТ (АА) - Лидерот на Исламскиот ослободителен фронт на Моро (MILF), Ал Хаџ Мурад Ебрахим, изјави дека во иднина, на автономниот муслимански регион во јужниот дел на Филипини ќе му биде потребна поддршка и помош од Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Филипини: Муслиманите Моро гласаат на историскиот референдум
„Во овој нов процес потребна ни е турска помош и поддршка. Ја повикуваме Турција да ни помогне во образованието и развојот“, рече Ебрахим за АА.
Во јужниот дел на Филипини денес се одржува историски референдум на кој локалното население ќе гласа за договорот кој предвидува основање автономен регион Бангсаморо.
По повеќедеценискaта американска и филипинска власт, муслиманскиот народ на југот од Филипините го прави последниот чекор кон воспоставување сопствена администрација, која ќе остане во состав на Филипини, но со значително повисок степен на автономија.
Кон средината на минатата година, претседателот на Филипини, Родриго Дутерте, го одобри Органскиот закон Бангсаморо, кој претходно, на база на постигнатиот мировен договор, беше усвоен и од страна на филипинскиот Парламент.
Речиси 3 милиони регистрирани гласачи денес гласаат на референдум за потврда на тој закон, кој воедно ќе биде и највисок правен акт на идниот автономен регион Бангсаморо.
„Сите луѓе ги сметаме за еднакви. Нашата нова власт ќе биде инклузивна и ќе се почитуваат правните норми. Во Владата ќе учествуваат и локалните заедници, христијани и сите останати“, рече Ебрахим.
Ебрахим истакна дека во идниот процес очекува интензивна соработка со Турција.
Претседателот на Филипини, Родриго Дутерте, во петокот присуствуваше на собирот во Котабато и ги повика избирачите на референдумот да го одобрат Органскиот закон Бангсаморо.
Моро муслиманите во јужниот дел на Филипините дојдоа под голем притисок и обесправеност, кога во 1898 година Шпанија им ја препушти власта во регионот на Соединетите Американски Држави (САД).
Органскиот закон Бангсаморо ќе ги врати правната, политичката и економската автономија на муслиманите кои се мнозинство во тој регион. Во периодот на транзиција ќе биде воспоставена власт и ќе бидат разоружани 40.000 борци на Исламскиот ослободителен фронт на Моро.