Abdullah Doğan
02 Ноември 2016•Ажурирај: 03 Ноември 2016
КОЊА (АА) - Езерото Меке се наоѓа во округот Карапинар, во Коња. Со својата уникатна убавина, познато е како „амајлијата на светот“, но секоја година, за време на сушните периоди има сѐ помалку вода. Белите наслаги од сол го привлекуваат вниманието на постителите, јавува Anadolu Agency (AA).
Езерото Меке настанало кога кратерот, што се отворил како резултат на вулканска ерупција пред 5 милиони години, се наполнил со вода. Тоа со години ги фасцинира посетителите со својот волшебен пејзаж.
Во езерото низа години се капеа голем број домашни и странски туристи, кампуваа, но поради глобалното затоплување, зголеменото наводнување на земјоделските површини и поради повлекувањето на нивото на подземните води, од ден на ден тоа сѐ повеќе се суши.
Езерото се наоѓа на 7 километри од автопатот Карапинар-Ерегли и го посетуваат домашни и странски туристи.
Пред 10 години, езерото беше длабоко 12 метри. Особено во сушните месеци, со повлекување на водата се фомираат мали острови од сол. Во овие денови пред врнежите, езерото Меке го доживува најсушиот период. И покрај тоа што нивото на водата е намалено во однос на 10 години претходно, посетителите доаѓаат за да уживаат во пејзажот на изгрејсонцето и зајдисонцето. Во сите годишни времиња, езерото на љубителите на природата и на фотографите им нуди различни убавини.
Градоначалникот на општината Карапинар, Мехмет Јака, во изјавата за АА рече дека езерото во одредени месеци се суши поради земјоделското наводнување и поради повлекувањето на нивото на подземните води. Јака истакна дека поради испарувањето на водата, солта се појавува како слој на површината, поради што картерот е покриен со бела покривка.
„Езерото е на надморска височина од 981 метар. Кога кратерот се полни со вода, добива форма на амајлија. Езерото во лето целосно се суши, а во зима и на пролет има вода. За жал, во последните години се научивме езерото да го гледаме суво. И покрај повлекувањето на водата, не недостигаат туристи. Блискиот пат има големо влијание. Особен интерес покажуваат странските туристи“.
- Надежта на Меке „Хотамиш“ -
Мехмет Јака истакна дека се прават истражувања за езерото да се доведе во претходната состојба и рече дека доставиле неколку предлози до Министерството за шумарство и водостопанство.
Јака истакна дека во рамките на проектот за Коња, очекуваат да се изведе попречување на подземната вода од водите што доаѓаат од тунелот Мави и езерото Хотамиш.
„Размислуваме дали е можно од Хотамиш тука да се прелее малку вода. Ако е можно, ќе направиме канали од Караѓак за да може водата да дојде тука. Така, езерото Меке ќе може да се врати во старите денови. Ние ги претставивме предлозите во оваа насока. Кога езерото ќе се наполни со вода, ќе биде многу важно и за туризмот. Има и една студија од МТА во врска со прогласувањето на Карапинар за геопарк. Најголемата причина за ова е пејзажот на кратерот на езерото. Мислам дека проектите КОП и проектите за полнење на езерото со вода и снег ќе овозможат да се спаси езерото“.