Ivana Ramadanova
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Силен земјотрес со магнитуда од 4,2 степена според Рихтеровата скала беше почувствуван утринава во 04 часот и 08 минути во Скопје и околината, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил на 15 километри источно од Скопје на длабочина од два километра, поточно 4 километри североисточно од Арачиново и 6 километри северно од Марино.
Јачината на земјотресот, според Европската сеизмолошка опсерваторија, макросеизмичкиот интензитет бил од V степен, што значи дека тресело силно и подолго.
Тресењето на тлото го почувствувале и жителите во околината на Скопје. По главниот удар имаше уште неколку кратки потреси кои ги почувствуваа граѓаните со домови во повисоките катови на зградите, како и во пониските објекти во главниот град.
Освен паниката кај населението која утрово ја предизвика земјотресот во Скопје, засега не се пријавени материјални штети.