Gülşen Topçu
04 Ноември 2016•Ажурирај: 05 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган беше гостин на катарската телевизија Ал Џезеира. Во разговорот, претседателот Ердоган одговараше на прашањата за својот политички живот и размислувања, а се осврна и на настаните од 15 јули. Тој изјави: „Уште еднаш покажавме што значи демократија“, јавува Anadolu Agency (AA).
На прашањето дали себеси се гледа како секуларист, исламист или конзервативец, претседателот Реџеп Таип Ердоган одговори:
„Пред сѐ, јас сум муслиман. Тоа е првиот чекор, но животот на муслиманот Реџеп Таип Ердоган е во постојано менување. Со читање, со животот и благодарение на стекнатото искуство, можете да согледате дека се случуваат големи промени. Доколку во текот на овие промени вие останете на истото место, тогаш губите. Затоа е потребно да се надградувате. Ние успеавме во тоа“.
Претседателот Ердоган зборуваше дека АК Партијата одново покажала што е демократија и секуларизам.
Посочувајќи на измените на овие два концепта, претседателот Ердоган рече: „Одново дадовме пример што е демократија и на светот му покажавме каква политика води еден муслиман. Одново го претставивме и секуларизмот. Покажавме дека секуларизмот не е онаков каков што го знаат во Турција. Секуларизмот подразбира секоја група да живее според своите верски и интелектуални верувања и државата да ги заштитува сите овие верувања. Ние вака го зацртавме нашиот пат уште од почетокот“.
Настаните за време на обидот за државен удар
Турскиот претседател Ердоган се осврна и на настаните од обидот за државен удар што го изврши терористичката организација ФЕТО на 15 јули.
Тој изјави дека таа вечер го одбил предлогот на сопственикот на хотелот во кој престојувал, со брод да заминат на некој од грчките или турските острови.
„Во оваа земја се родив и тука ќе умрам. Не размислувам да одам на друго место. Реагирав според поговорката ‘Доколку лидерот се скрие зад камен, тогаш народот ќе се скрие зад планина’. Потребно е лидерот секогаш да биде на плоштадот за да може народот да го следи“, вели претседателот Ердоган.
Во текот на програмата, претседателот Ердоган беше запрашан дали вечерта на 15 јули се потсетил на деновите од 90-тите години, кога бил во затвор и дали притоа се исплашил.
Тој одговори дека таа вечер мислел само на едно нешто: „Доколку го повикам народот на плоштадите, ќе дојдат на аеродромот. Ќе слезат на плоштадите. Си реков дека е потребно да се сретнам со мојот народ. Прво со хеликоптер заминав на аеродромот и оттаму се качив во авион. Имаше два избора, Истанбул или Анкара. До последните 5 минути, пилотот не знаеше каде одиме. Во последните 5 минути реков Истанбул. Кога пристигнавме, на пистата нѐ oчекуваа 10 илјади, а пред аеродромот 20 илјади граѓани. Овие луѓе го чекаа својот лидер“, одговори претседателот Ердоган.
Во тие моменти, претседателот бил заедно со својата сопруга Емине Ердоган, министерот за енергија и природни ресурси Берат Албајрак, ќерките и внуците и со својот советник. Ердоган се потсети дека веста за обидот за државен удар предизвикала загриженост. Била направена проценка на ситуацијата.
Претседателот Ердоган истакна дека преку еден приватен телевизиски канал го повикал народот да излезе на улиците и откако пристигнал во Истанбул, се сретнал со нив и заедно придонел во разршување на кризата, која по 16 часа заврши.
„Праксата (сунетот) на божјиот пратеник Мухамед е мојот патоказ“
Турскиот претседат Ердоган потсети дека својот политички живот го започнал заедно со Неџметин Ербакан, а по доаѓањето до одредена точка, им се раздвоиле патиштата. Потоа била основана АК партијата. Претседателот Ердоган рече дека праксата (сунетот) на божјиот пратеник Мухамед е негов патоказ и истакна дека следејќи ја праксата на божјиот пратеник, се оддалечил од грешките во својот живот.
Тој потсети дека поради читањето на една песна додека бил градоначалник на Истанбул добил казна затвор, и додаде дека во тој период, државното раководство не ја толерирало слободата на мислата.