Ekipa
04 Јули 2016•Ажурирај: 05 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Македонија, Емил Димитриев, упати честитка до поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија Реис-ул-улема, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи и сите верници од исламската вероисповед по повод Рамазан Бајрам, јавува Anadolu Agency (AA).
„Светиот месец Рамазан е најблагородниот и најсреќниот месец за Вас граѓаните од исламската вероисповед. Деновите кои се зад нас поминаа во духот на трпението и воздржувањето, несебичноста и дарежливоста. Посветеноста која беше одлика во мислите на секој исламски верник во изминатите денови на пост, нека и понатаму биде одлика која ќе Ве води по патеките на успехот, како во рамки на семејството, така и на деловен и професионален план. Празникот нека Ви донесе само убави нешта, а годината нека Ви биде исполнета со чисти мисли и позитивни дела", стои во честитката.
Димитриев преку честитката ги изрази своите убедувања дека во духот на добрите верски учења, во духот, за како што вели, на нашата заедничка опстојба на овие простори и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме принципите на почит и разбирање, принципите на помош и соживот меѓу граѓаните на Република Македонија, од сите вери и националности.
„Ваквото заедништво е клучно за вкупниот економски и граѓански развој на Република Македонија, за подобар живот на нашите граѓани, во сите региони на државата и во сите области од нашето општество. На тој пат, религиите се наша поткрепа, а традицијата и големите празници наше потсетување да се држиме заедно и заедно да чекориме напред", се вели во честитката.
Честитка по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам испратија бројни државни функционери, меѓу кои и претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.