Hakan Ceyhan Aydoğan
25 Декември 2016•Ажурирај: 26 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, соопшти дека нема преживеани од падот на воениот транспортен авион TU-154, во кој се наоѓале 92 патници и членови на екипажот, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Конашенков, кој во Москва ги информираше претставниците на медиумите, рече дека авионот од типот TU-154 во сопственост на руското Министерство за одбрана, по полетувањето во 05:25 часот од аеродромот Адлер во Сочи, се изгубил од радарот во 05:27 часот.
„Одредено е местото на падот на авионот. Нема индиции дека има лица кои ја преживеале несреќата”, изјави портпаролот Конашенков.
Тој нагласи дека во потрагата за спасување и извлекување на телата на загинатите учествуваат 4 брода, 4 хеликоптери, еден авион и едно беспилотно летало, и додаде дека делови од авионот TU-154 се пронајдени во близина на Сочи, на длабочина од 70 метри.
Портпаролот Конашенков на медиумите им соопшти дека досега се пронајдени 4 безживотни тела.
Авионот Тупољев TU-154 изработен е во 1983 година. Последната поправка на авионот е направена во декември 2014 година, додека последното сервисирање е извршено во септември оваа година. Беше соопштено дека авионот досега имал вкупно 7.000 часови лет.
Воениот транспортен авион од типот TU-154 кој полетал од Москва, по полнењето на гориво во Сочи требало да лета за Сирија.
Авионот ги превезувал членовите на воениот хор којшто требало да одржат новогодишен концерт во воената базата Хмејмим во Сирија, во која се сместени руски војници.
- Русија го отфрли тероризмот како причина за падот на авионот во Црното Море -
Шефот на одборот за одбрана во рускиот Горен дом на Парламентот, Виктор Озеров, ја отфрли можноста дека терористички напад е причина за пад на рускиот патнички авион во Црното Море, истакнувајќи дека постои можност падот да бил предизвикан поради техничка грешка или грешка на екипажот.
Озеров, истакна дека „тотално го отфрлува” тероризмот како причина за несреќата, со оглед на тоа што со авионот управувала војската.