Ahmet Gürhan Kartal
05 Јуни 2017•Ажурирај: 06 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Лидерот на главната опозициска партија на Велика Британија ја повика британската премиерка Тереза Меј да даде оставка по терористичкиот напад што се случи во саботата во Лондон, во кој загинаа седум лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, упати повик до премиерката откако изборната кампања на Велика Британија беше продолжена по смртоносниот терористички напад на Лондонскиот мост и на пазарот Бороу (Borough Market).
Корбин за „ITV News“ (ИТВ њуз) изјави дека ги поддржал сличните повици на многумина одговорни луѓе кои биле загрижени во врска со работењето на Меј.
Тој изјави дека Меј треба да даде оставка поради тоа што била одговорна за намалувањето на бројот на вработените во полицијата за време на нејзината функција како министер за внатрешни работи.
Бројот на полицискиот персонал опадна за 20.000 за време на последните две британски влади од 2010 година (факт поради којшто британската премиерка доби критики од голем број политички опоненти пред изборите што треба да се одржат в четврток).
Сепак, Меј изјави дека и покрај трите големи напади што се случија неодамна, безбедносните сили спречиле пет други напади.
Десетици лица загинаа и многу повеќе се повредени во трите терористички напади што се случија во Лондон и во Манчестер во изминатите три месеци.
„Како што заканата од тероризмот се развива, одговорот на владата мора да се менува“, изјави Меј денес.
Таа исто така изјави дека ќе бидат вработени дополнителни 1.500 вооружени полицајци, но додаде дека не се работи само за ресурси, туку и за овластувања.
Британската полиција генерално е невооружена, огнено оружје носат само специјалните полицајци.
Меј исто така изјави дека на полицијата сега ѝ е познат идентитетот на тројцата осомничени терористи кои стојат зад последниот терористички напад, но додаде дека безбедносните сили ќе ги објават имињата кога тие ќе бидат оперативно подготвени.
Велика Британија привремено се повлече од споделувањето разузнавачки информации со американските колеги, откако деталите за бомбашот кој го изврши нападот во „Манчестер арена“ протекоа во американските медиуми.